Поезијата на Шопов ја врви судбинската патека

Во примерот на Ацо Шопов се гледа валидноста на максимата дека поезијата живее и по смртта на авторот. Двете најнови изданија, шпанското во Аргентина и двојазичното француско-германско објавено во Луксембург, токму во деновите кога се навршуваат 30 години од смртта на Шопов, се несомнен доказ дека поезијата на Шопов продолжува да си ја врви својата судбинска патека, во онаа мера необрасната со тревите на заборавот во која поезијата ќе доживува свои нови преводи, нови толкувања и нови читатели. Ова, меѓу другото, го истакна академик Kатица Ќулафкова на вчерашната промоција во Македонската академија на науките и уметностите на двете дела на Ацо Шопов што деновиве беа објавени во Аргентина и во Луксембург. Станува збор за збирки песни со наслов „Црното сонце“ од неговиот циклус посветен на црното сонце и на небиднината.

- Обредна, односно ритуална поезија, поезија со висока доза на перформативност, со моќ да влијае на свеста на читателот, поезија која преобразува култура и формира традиции, поезија која утешува, возвишува и вознесува. Денес сме сведоци дека и светот почнува да го доживува Шопов како поет - дополни Ќулафкова.

Претседателот на МАНУ, Владо Kамбовски, истакна дека појавата на овие книги е доказ дека поезијата на Шопов не престанува низ нејзините универзални пораки да зрачи со сета своја моќ во бесконечниот простор на поезијата, негирајќи го законот на заборавот како бесконечна небиднина. Kамбовски истакна дека во двете книги се опфатени песни од највисокиот и најзрелиот стадиум на неговото творештво.

За академик Луан Старова, Шопов 30 години по смртта уште еднаш ја оживува својата трајна поетска меморија, овој пат со преводите на неговата книга поезија „Црно сонце“. Ова воедно е и првата книга од македонски автор објавена во Луксембург. Песните на француски ги превел познатиот писател Едуард Моник.

- Ретки се поетите во светот што истрајуваат во целиот творечки век речиси исклучиво на поетската вокација. Шопов е еден од ретките македонски литерати врзани исклучиво за поезијата - рече Старова.

На промоцијата во МАНУ присуствуваше и Ролан Kајзер, директор на издавачката куќа ПХИ од Луксембург. Тој рече дека за неговата издавачка куќа е чест да објави избор од поезијата на, како што рече, „вашиот голем поет Шопов“. Додаде дека Луксембург е држава со мал број жители, но со многу јазици и идентитети. Затоа, рече, е нормално да се објавуваат изданија на повеќе јазици и еден издавач не може да се ограничи на само еден јазик.

На собирот говореше и претседателот на Македонскиот ПЕН-центар, Ристо Лазаров. (М.Л.) Дневник