Скопје, 29 јуни 2011 (МИА) - Фестивалот Струшки вечери на поезијата (СВП) денеска одбележа 50 години од своето постоење и 150 години од објавувањето на Зборникот на народни умотворби на браќата Константин и Димитрија Миладинови во чија чест и се организира најпознатиот и најстар поетски фестивал на Балканот.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека струшките браќа се први преродбеници кои на македонската духовна култура и дале централно место и и ги предочиле на европската јавност посебностите на македонскиот народ.

- Како народни трибуни гласно ги истакнаа начелата и важноста на националната борба за самобитност... Зборникот е антологиски запис на македонската народна поезија, но и историска книга која на Европа и на нејзината културна и научна јавност и го докажаа постоењето на макеодонскиот народ како посебен, со своја традиција и историја, истакна Канческа-Милевска во НУБ „Св. Климент Охридски“ каде што се одржа свеченоста.

Потврда за македонската културна вредност, според неа, е фактот што полувековниот јубилеј на СВП ќе биде под покровителство на УНЕСКО. Во чест на нивното дело, Министерството за култура целосно ќе го одбнови спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга, каде што ќе биде сместена и канцеларијата на фестивалот и струшкиот музеј со постојана изложбена поставка.

Делото на Миладиновци е камен-темелник на Струшките вечери на поезијата, зашто почнуваат во 1961 по повод 100 години од објавувањето на Зборникот (24 јуни 1861).

- Ние денес сме само продолжувачи на нивната голема мисија и идеја, настојувајќи да ја оправдаме довербата и да бидеме на висината на нивното дело, истакна директорот на СВП Данило Коцевски, кој се осврна на почетоците на фестивалот кој од собир на домашни поети набргу прераснал во престижен фестивал.

Почнувајќи од Роберт Рождественски, носители на наградата Златен венец во изминатите пет децении се светски поети, како Неруда, Хјуз, Бродски, Лундквист, Вознесенски, Шапкот...а во долгата листа се и двајца македонски - Блаже Конески и Матеја Матевски - кој е годинашен лауреат.

Коцевски зборуваше и за подемот на македонската поезија во 1960-тите години и востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“ која од 1963 година се доделува за најдобра стихозбирка од македонски поет меѓу две фестивалски изданија на СВП. Оваа година на поетската манифестација во Струга е најавено учество на поети од дури 67 земји.

Цитирајќи го Гане Тодоровски, кој Зборникот го нарекол „утринска песна на македонската преродба“, претседателот на Друштвото на писателите на Македонија Раде Силјан зборуваше за неуморната собирачка дејност на Миладиновци (песни, обичаи, игри, преданија, пословици, гатанки)  објавени во Зборникот со 584 македонски и 76 бугарски умотворби, објавен во Загреб со помош на хрватскиот бискуп и мецена Јосип Јурај Штросмаер.

- Нивната заветна дејност е наш долг кој треба да прерасне во национален интерес од прв ранг. Тоа дело е камен-темелникот на нашата разгранета литературна дејност, рече Силјан. 

Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Миле Бошески, пак, истакна дека двата јубилеја се слават во време кога „секој аргумент, од која било сфера на општествениот живот, е исклучително значаен во борбата за зачувување на националниот идентитет и самобитноста на македонскиот народ, историја и култура“. хс/са/13:45