ОТВОРЕНИ ПОРТИТЕ НА САЕМОТ НА КНИГА И ЛИБРОГРАФИКА

 


Во втората и третата хала, на 7000 метри квадратни, издавачите ќе ја претстават книжевната продукција на жанровски различната литература, а и неизбежни ќе бидат секојдневните промоции и средби со авторите


Од вчера се отворени портите на Саемот на книга и либрографика за сите намерници читатели, љубители на убавиот збор. Во овој конктест прифатливи и многу точни се зборовите на премиерот Никола Груевски:
"Книгата вреди повеќе од сите симболи со кои се украсени и насликани спомениците. Таа самата станува монумент во срцето на оној кој ќе ја прочита". Со овој египетски запис, стар 3000 години, Груевски го прогласи за отворен 21. Саем на книга и либрографика и 12. Денови на образование и кариера, посочувајќи дека настанот ја потврдува праисконската жед на човештвото за пишаниот збор и дека и по три милениуми нештата не се измениле.
- И оваа година манифестацијата ќе ги соочи авторите и читателите на едно место, ќе воспостави комуникација со клучни теми, ќе ја поттикне читателската љубопитност и повторно ќе ги отвори широките хоризонти на светот, додаде Груевски.

Тој посочи дека меѓу мноштвото изданија ќе бидат претставени и капиталните проекти на Владата од областа на литературата и образованието, како едицијата "130 тома македонска книжевност", проектот Превод на 500 учебници и стручни книги и Превод на литературни дела од добитници на Нобелова награда за книжевност.

Инаку, шеесет и четири издавачки куќи ќе учествуваат на 21. Саем на книга и либрографика кој во втората и третата хала на Скопски саем ќе се одржува до 14 април. На 7.000 квадратни метри ќе се претстават домашни и регионални издавачи. На најмасовната редовна културна манифестација во земјава ќе биде презентирана најновата книжевна продукција, жанровски разновидна литература, илустрирани изданија, канцелариски материјали и опрема. Неизбежни се и секојдневни промоции и средбите со авторите. (Вечер)