НОВА КНИГА НА РЕЖИСЕРОТ ТРЕНЧОВСКИ

Novakniga.Trencoski1.jpg

Во издание на Улис, неодамна од печат излезе четвртата книга на режисерот Горан Тренчовски, насловена како Парс про тото. Притоа, на крајот од книгата, рецензентите м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, акад. Митко Маџунков и д-р Васе Манчев, за Тренчовски пишуваат како за интелигентен автор кој во своите книги ја преиспитува сопствената пракса, осмислувајќи ја/режирајќи ја последната своја книга како целина составена од повеќе текстуални парчиња, умешно поврзани низ лајтмотивот на Роман Јакобсон „парс про тото", со што се постигнува врвен квалитет во проучувањето на оваа материја. Во книгата Парс про тото се содржани повеќе есеи и огледи за седмата уметност, како и една студија за краткиот игран и документарен филм. Негови претходни книги, кои исто се занимаваат со драмските уметности, се: Од питач до крал (1995), Орбис пиктус (2001) и Поетика на (де)тронизацијата (2004).  Горан Тренчовски е режисер, основач и уметнички директор на струмичкиот Астерфест и претседател на Тивериополската филмска алијанса. Дипломирал на Академијата на уметностите во Нови Сад. Режирал повеќе филмски и ТВ проекти како и низа театарски претстави. Тренчовски има искуство и како продуцент и писател.  Моментно работи на документарниот филм Духот на татко ми.

 * Novakniga.trencoski.jpg

(Од рецензиите)

 

Магистер Мими Ѓоргоска-Илиевска:

-Оваа книга е исклучителен труд за феноменот на краткиот филм. Токму кратката филмска форма е подрачје коешто е мошне податливо за истражување, и во таа насока Горан Тренчовски ја осмислува/режира книгата како целина составена од повеќе текстуални парчиња, умешно поврзани низ лајтмотивот парс про тото. Со други зборови, ова е темелен прилог во создавањето студиозна скица за препознавањето на краткиот (игран и документарен) филмски субјект.

Академик Митко Маџунков:

-Книгите на Тренчовски се налик на неговата блескава театарска сцена, натопена со атмосфера, и на неговите кратки филмови за долго паметење. Добрите режисери имаат препознатлив ракопис, но создаваат различни филмови, како Тарковски или Кјубрик,  на пример. Авторите кои се повторуваат се налик на повторувачите од училиштата. Буњуел има забележано дека би сакал да сними бакнеж, но под услов тоа да не е веќе снимено. Фактот дека повеќе нема филмови без бакнежи и јурење по улиците (со кола или пеш) го обезвредува поголемиот дел од филмската кинематографија. Да се занимаваш со краток филм, денес како и во зората на кинематографијата, значи да бидеш чесен. Вистина, и во филмовите на Мак Сенет или Чаплин има многу трчаница, но за да се стигне негде, а не за да се удри во ѕидот.

Горан Тренчовски е интелигентен автор кој во своите книги ја преиспитува сопствената пракса, загледан во професијата како во излог од кој демнат привиденија (не само кај Фриц Ланг). Во ПАРС ПРО ТОТО тој е наднесен кад естетиката на краткиот филм тргнувајќи од гледиштето на Роман Јакобсон, кое е и мото и наслов на неговата книга. Таа естетика не се разликува многу од она што се појавува кај мене како прашање: „Може ли од трошките што паднале под софрата пак да се создаде лебот?" Создавањето на целината од составните делови не е едноставно нешто. Филмот е составен од сцени, сцените од секвенци, а секвенците од кадри. Секвенците треба да ја сугерираат идејата за целината, како што и таа треба да разбудува спомени за одредени кадри (по кои потоа ќе го помниме филмот). Книгата на Тренчовски се занимава со прашањето како да се стори тоа. Основниот проблем е што односот меѓу теоријата и живата пракса не е механички однос. Она што ги оживува телата е истото она што ги оживува и уметничките дела. Тоа не е обична „монтажа" меѓу деловите и целината. А што е тогаш? Можеби токму оној одамна снимен бакнеж по кој сè уште мечтаеме.

      Доктор Васе Манчев:

-Во проучувањето на секоја целина, во таа смисла и на целината на филмската уметност, пресудно значајно е квалитетното проучување на секој нејзин дел. Компетентниот филмски творец и проучувач Горан Тренчовски во оваа книга за предмет на своето истражувачко интересирање го има краткиот филм како дел на огромното филмското творештво. Користејќи го методот парс про тото, тој постигнува врвен квалитет во проучувањето на оваа материја.