Govorot.namolitvata.jpg

Говорот на молитвата (2008) од Софија Грандаковска го претставува најновото издание на Премин доо, кое наскоро  веќе може да се најде и во книжарниците во Републиката.
Говорот на молитвата од Софија Грандаковска е научен труд, рецензиран од академик Катица Ќулавнко, академик Влада Урошевиќ и проф. Д-р Ѓорѓи Поп-Атанасов, и е посветен на феноменот на молитвата, методолошки проучен низ призмата на книжевно-научната семиотика во корелација со други научни дисциплини: археологија, историја, компаративни религии и поетики.
Академик Ќулавкова во предоговорот истакнува:


Говорот на молитвата од Софија Грандаковска се фокусира врз хронолошки, типолошки, теориски и херменевтичко-интерпретативни аспекти на молитвата: потеклото на молитвата, антропо-семиотичките димензии на молитвата, протолитерарната и литерарната димензија на молитвата, типови молитва во различните епохи и во различните културни, сакрални и книжевни системи (примитивна, ритуална, хеленска, филозофска, мистична, профетска/пророчка, книжевна, словено-византиска, еврејска, ортодоксна, богослужбено-литургиска и нелитургиска молитва, исихастичка, Господова, контемплативна и други видови молитва).
Книгата Говорот на молитвата на Софија Грандаковска е фокусирана врз дефинирањето на дискурсот на молитвата во широк временски, цивилизациски, културен, јазичен и поетички распон, од нејзините примитивно-архаични и предкнижевни пројави, до нејзините книжевни појави од периодот на византиската и средновековната книжевност, во еврејската, хеленската, византиската и ортодоксната традиција и семиотика. При тоа е направен посебен осврт врз молитвениот дискурс во македонската православна и средновековна книжевна традиција.
Говорот на молитвата е акрибичен приказ на научно достапните и перцептибилни типови молитва, како и на одделни парадигматични за молитвениот дискурс текстови (Исусовата молитва, Азбучната молитва). Таа не е едноставен хронолошки приказ на одделни видови молитва, ни симплифициран преглед на теориите на молитвениот дискурс во различни социокултурни и книжевни констелации. Оваа студија прави обид да одговори систематично на неколку суштествени прашања за диференцијалните и конститутивните карактеристики (одлики) на молитвата и нејзиниот дискурс. Таа се обидува да ги идентификува карактеристиките на молитвата сфатена како сложен книжевен и паракнижевен дискурс со сакрални, метафизички, ритуални и литургиски импликации и функции. Тоа и ги предодредува семиотичките и херменевтичките премиси на студијата Говорот на молитвата на Софија Грандаковска.
Како поткрепа на искажаниов став, посебно ќе го истакнеме капацитетот Говорот на молитвата да ги резимира клучните спознајни придобивки на современата книжевна наука и пошироко на генезата, историјата и теоријата на молитвениот дискурс во светот, во врска со идентитетот и дефиницијата на молитвата.

 

Друго:

Govorot.namolitvata.jpgГоворот на молитвата

 

ВО ИЗДАНИЕ НА „ПРЕМИН“
Феноменот на молитвата од Грандаковска