Со антологиската песна „Т’га за југ“, интерпретирана на македонски и англиски јазик, и со спектакуларен огномет, Струга по 56-ти пат покажува дека е уникатен град на поезијата.

Поздравувајќи ги поетите и вљубениците во поетската реч, директорот на СВП, Мите Стефоски, во поздравниот говор до присутните поети и почитувачи на поетскиот збор, рече:

„Не помалку од мечот освоил зборот. И тие војни понекогаш се и пострашни и посвирепи од оние другите. Не еднаш сме рекле дека поезијата е чувар на малите јазици. Зашто јазикот се сака со творештво. А тоа творештво постојано ги испитува моќите и можностите на јазикот. Она заради што постојат поетските фестивали и што ја дава нивната смисла е да се слави умеењето со јазикот да се создаде нешто што не постоело претходно. Поетското творештво е скулптурирање на светот со жив јазик“, истакна Стефоски.

 

Најавувајќи ја поддршката што Министерството за култура и во иднина ќе ја дава на фестивалот, од кој се очекува и понатаму да биде предводник во светот и да го покажува најдоброто од домашното и меѓународното поетско творештво, министерот за култура Роберт Алаѓозовски подвлече:

„Децении наназад овој фестивал, кој се одржува во градот на Миладиновци, претставува собир на најдоброто од светската поезија, место за размена на искуства, идеи и визии, кои ја движат културата напред, не само нејзините хоризонти, туку и видиците на нашите општества и нашата цивилизација воопшто“, подвлече Алаѓозовски прогласувајќи го фестивалот за отворен.

Воодушевувањето од чинот на отворањето и од фестивалот не го криеше ниту годинашниот лауреат Чарлс Симиќ, кој на традиционалното меѓународно поетско читање настапи заедно со 27 поети од странство.

 

 

Претходно во текот на денот, Паркот на поезијата во Струга стана побогат за уште едно дрво - засадено од годинашниот добитник на „Златниот венец“, големиот американски и светски поет Чарлс Симиќ.

Лауреатот Симиќ на средбата со новинарите и почитувачите на поетската реч говореше за своите почетоци во пишувањето, за поттикот да ги преведува поетите од некогашна Југославија, сакајќи да им покаже на американските пријатели дека и од овде доаѓа добра поезија.

 

 Добитникот на Пулицеровата награда, поетот-лауреат на САД и носител на многу престижни признанија е препознатлив по својата едноставност во пишувањето, специфичниот хумор и опевањето на едноставните нешта. На прашањето - Која е пораката што од Струга им ја испраќа на поетите, тој одговори: „Немам порака. Поезијата е најиндивидуалната работа на светот, посебно лирската. Поетите треба да го прават она што го прават - да пишуваат песни. Деновиве сите во САД се занимаваат со прашањето - Што треба да прават поетите во времето на Трамп“? Јас го мислам истото што и за социјално ангажираните поети и поезија од 30-те години на минатиот век или од времето на Големата депресија. Многу од тие стихови се одамна заборавани, а причината е едноставна - не биле добри“.

 

 По средбата со венцоносецот, во холот на хотелот „Дрим“ беше отворена изложба на фотографии „Кратки приказни“ од Драги Неделчевски.

 

 По свеченото отворање на 56-те Струшки вечери на поезијата на 24 август (четврток) на програмата се: Портрет на Иван Џепароски, минатогодишен добитник на наградта „Браќа Миладиновци“; Поетско читање на поетите од потесниот избор за годинашен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“; Симпозиумот „Изгубено/најдено во преводот“; Портрет на Горан Чолакхоџиќ, добитник на наградата „Мостови на Струга“ на СВП и УНЕСКО; Претставување на програмата „Креативна Европа“ и платформата ВЕРСОПОЛИС; Вечер на македонска поезија; како и Вечер со досегашните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“ по повод 55-годишниот јубилеј.

Извор: https://www.mkd.mk/kultura/knizhevnost/pochnaa-56-tite-strushki-vecheri-na-poezijata

 

Друго:

СВП 2017
Поетските активности почнаа со портрет на Иван Џепароски и со симпозиум за преводот на делата