Синоќа во Мултимедијалниот центар Мала станица беше отворена изложбата „Презентација на изработени парчиња современ накит“ во рамките на тематската работилница која од 12 до 18 март се одржа во Скопје

На отворањето на изложбата пред многубројните посетители се обратија претседателот на Република Македонија г. Ѓорге Иванов и министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Во своето обраќање министерката подвлече дека изложбата е  резултат на креатитивноста, инвентивноста и слободата на творечката енергија на 20 млади личности кои изминатата недела под менторство на реномираните експерти за изработка на накит од Холандија, Саша Ланоје и Кристел Хофманс, заеднички учеа, се усовршуваа, се дружеа и покажаа дека македонската креативност доколку правилно се насочи е бескрајна и бесценета. Таа додаде дека работилницата е практична примена на Стратегијата за развој на креативни индустрии, која пред три години беше изработена од  еминентни професори во соработка со невладиниот сектор.

- „Стратегијата за развој на креативните индустрии е од особена важност за Република Македонија, затоа што токму креативните индустрии кои се во фокусот на многу европски земји се оние промотори и носители на културниот идентитет кои играат непроценливо важна улога во поттикнувањето на културната разновидност. Практичната примена на оваа Стратегија ќе овозможи нови вработувања, мобилност во економската размена и афирмација на претприемачкиот дух“, рече министерката Канческа Милеска.

kreat_industrii_izlozba_7_400Пред присутните се обрати и претседателот Ѓорге Иванов, кој како професор е еден од авторите на Стратегијата за развој на креативните индустрии.

- „Вечерва радува што она што беше идеја пред неколку години денес е реалност и е пример за сите млади и креативни луѓе во Македонија кој треба да го следат и да видат како нивните идеи и замисли да бидат нешто од кое можат да ја обезбедат својата егзистенција. Тоа може да биде и препознатлив бренд за нашата држава кој може да биде поттик за сите оние коишто ги чуваат и не се осмелуваат своите идеи да ги материјализираат да го сторат тоа“, порача претседателот Иванов.

Работилницата за изработка на современ накит е првата од планираните три тематски работилници како дел од проектот на Министерството за култура за унапредување на креативните индустрии во Република Македонија,  каде младите креативци покрај кон накитот својата творечка енергија и идеи  ќе ги насочат и кон изработката на мебел и амбалажа.

Извор: Министерство за култура на РМ