Дело на Бернхард Холеман од Австрија

Вечерва во КИЦ ќе биде отворена изложба на дела од балкански уметници

КАТЕРИНА БОГОЕВА ,Утрински весник

Амбасадорот на Европската унија во Македонија г-динот Ерван Фуере вечерва во 19 часот во Културно-информативниот центар во Скопје ќе ја отвори изложбата „Утопистички остров Балкан спирит“, на која пред скопската публика ќе бидат презентирани 36 дела создадени на првата ликовна колонија „Балкан спирит“.

Колонијата која се одржа летово во Охрид, во организација на Фондацијата за стратешки истражувања „Киро Глигоров“ и Асоцијацијата за култура „ИКОН“, успеа на едно место да обедини значајни сликарски имиња од повеќето земји од Балканот и да ја презентира убавата слика од просторот, обременет сеуште со низа негативни стереотипи за неговите вредности. Делата на дваесеттина балкански сликари: Хасан Налбони (Албанија), Светлин Русев и Милко Божков (Бугарија), Костис Ксантопулос (Грција), Рајко Тодоровиќ - Тодор (Црна Гора), Миодраг Бата - Михаиловиќ и Бранко Миљуш (Србија), Томур Атагок (Турција), Ештреф Ќахили (Косово) и Владимир Георгиевски, Глигор Чемерски, Коле Манев, Решат Амети , Павле Кузмановски , Мирослав Масин, Невзад Бејтули-Кица и Тома Мишев (Македонија), како и на специјалните гости Бернхард Холеман од Австрија и Ханс Херпих од Германија, на публиката ќе ја покажат големината на различноста на ликовното творештво, но и заедничката мисла за безграничната моќ на обединување што во себе ја содржи културата.

Дел од годинешната продукција на колонијата, веќе беше презентиран на изложба во Охрид, а организаторите планираат во наредните месеци на околу 200 адреси на значајни инстиитуции во Европа, да го испратат каталогот на изложбата, отпечатен и на англиски јазик за да ја запознаат пошироката јавност со вредноста и идејата на „Балкан спирит“.


Костис Ксантопулос од Грција

„Не е неважно што „Балкан спирит“ се случи во Македонија и што во иднина ќе продолжи да работи тука неговата работилница на разбојот на душата на која и е иманентна уметноста како универзална вредност и врховен дар од Создателот, со кој Тој го дарувал човекот да создава убавина и љубов, а не мит за темнина со која е богато населена светската историска ноќ“ - ќе запише меѓу другото во текстот од каталогот писателот Ефтим Клетников, додека Сабине Кертнхалер, секретар и конзул на Австриската амбасада во земјава, која е една од подржувачите на ликовната колонија ќе потенцира: „Називот Балкан честопати служи како место на проекции и имагинации. Неговите внатрешни и надворешни граници претставуваат, како и кај сите геополитички и културни имагинации, не само државни граници, туку и културни транзитни простори, во коишто се мешаат јазиците , религиите и идентитетите. Границата од една страна создава идентитет со традиционалното ограничување кон „другото“. Но, таа може и да ги поврзува просторите и да стане мост . Со тоа се намалуваат разликите кон другата култура. Ограничувањата стануваат се потешки. Се создава Third space, како што го дефинира Хоми К Баба, во смисла на непрепознат простор за размислување , или „Не -место“, на коешто се создава новото...Уметноста служи за откривање на скриените потенцијали, а со тоа и за создавање на подобро разбирање на духовниот живот на Балканот, што ќе ги доближи луѓето едни кон други“.

Иако, првично замислена како ликовна колонија која секоја година ќе се одржува во различна балканска земја, претседателот на ИКОН, Климе Коробар, на вчера одржаната прес - конференција посочи дека поради недостиг од потребната институционална поддршка од Министерството за култура за таков вид меѓудржавна соработка, нејзиното второ издание идната година повторно ќе биде во Охрид. Дотогаш, изложбата која скопската публика ќе може да ја види во наредните 15 дена, се планира да биде претставена и во Стразбур