Во салата за конференции на Правниот факултет е поставен мозаик чија композиција е проекција на знакот на бесконечноста


Мозаикот на Правниот факултет не е нешто ново, тој доаѓа по период на застој поради одредени прилики во земјава. Поминавме периоди на неколку големи економски кризи, кои се одразија и во оваа област

КАТЕРИНА БОГОЕВА

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот„ Св.Кирил и Методиј“ во Скопје на 5 ноември беше промовиран мозаикот „CUPIDAE LEGUM IUVENTUTI“ - „Младината желна за закони“, дело на ликовниот уметник Рубенс Корубин, поставен во свечената конференциска сала. Факултетот и на овој начин го одбележа својот патронен празник, а авторот на мозакот два дена подоцна, говорејќи за презентираната симболика на делото во чиј центар е ликот на императорот Јустинијан Први, фрагментарно превземен од познатите мозаици во Равена, посочи и на потребата од поголема присутност на ликовната уметност во институциите во државата.

„Задоволство ми беше да прифатам еден ваков тематски предизвик, нарачан од Правниот факултет кој ми покажа голема доверба. Со мозаикот е направена врска со ликот на Јустинијан, кој се смета за единствен препознатлив лик, направен во мозаик во Равена, а другите содржини кои сочинуваат целина се додадени. Над ликот на Јустинијан кој се наоѓа над една каскадна пирамида каде се наредени дела од областа на правото на латински пишува „Младината желна за закони“, а позади него е црквата „Света Софија“ во Истанбул, бидејќи императорот бил иницијатор и на многу проекти и од архитектурата, градежништвото. Севкупната композиција е проекција на знакот на бесконечноста, а во неа се содржани неколку обележја, Камениот мост изработен во златен мозаик под кој се вировите на Вардар кои што завршуваат во зголемена претстава на атом, што го симболизира природниот закон чиј дел сме и ние. Од другата страна, пак се неколку најпрепознатливи симболи на човековите напори и стремежи да го протолкува светот: златниот пресек, златната спирала и тетрактисот, симболот на Питагорејците

Ова е прв мозаик на Корубин поставен во образовна институција, што авторот го издвои како посебен момент и во поширок историски и општествен контекст.

„Ова мое прво претставување од ваков вид го сватив како голем предизвик што на овој начин ликовната уметност сега почнува да влегува и во образовните институции. Уметноста би требало да биде внесена не само во приватните домови и во музеите, туку и во институциите од различен карактер. Сите што патувале малку надвор, гледаат дека многу од институциите во другите земји, на некој начин се украсени или збогатени со уметнички дела.Тоа е траен белег и за генерацииите кои доаѓаат по нас. Ми се чини дека Правниот факултет направи вистински чекор, па се надевам дека ќе го следат и други. Секоја институција би требало порано или подоцна, да собере сила и да има желба и амбиција на некој начин да се обележи самата себеси.

Сите работи од духовен карактер кои се материјализирале, имаат повратна енергија и врз сегашните луѓе и врз генерациите кои доаѓаат. Мозаикот на Правниот факултет не е нешто ново, тој доаѓа по период на застој поради одредени прилики во земјава. Поминавме периоди на неколку големи економски кризи, кои секако се одразија и во оваа област.

Во минатото идеите да се влезе со ликовните дела и во фабрика и други институции, навистина не беа лоши, дури можам да кажам дека имаше и извонредни проекти. На тлото на поранешна Југославија постоеа и фабрики половина претворени во музеј. Таква една фабрика постоеше и во градот Пирот во Србија, а во неа беа вработени двајца кустоси. Во неа имаше таписерии, мозаици, фонтани, скулптури од најпознатите тогашни југословенски автори. Имаше луѓе кои инсистираа на таа идеја, а вработените тоа и го поддржаа. Но тоа не се прави наеднаш, бара многу време и континуирано работење.

Знаете како велат „Ни Фидија без Перикле, ни Перикле без Фидија“. Да не бил Перикле, Фидија немало никогаш да го направи Партенон, но и обратно. Едниот работи, ама треба да постои и друг кој ќе има и смелост, визија и желба тоа и да го нарача“.

Како автор и на мозаикот изработен на надворешниот дел од Меморијалниот центар во Пелинце, уметникот на свој начин, укажа на спецификата на ваквите дела поставени на отворено и во затворен простор. „Надворешниот мозаик има посебна игра со светлоста. Дневното светло се менува илјада пати во текот на денот, во сезоната, менливата игра на светлоста нуди понакви доживување. Внатрешниот мозаик е постатичен. Ги нема игрите и промените, но има своја друга енергија и убавина што зрачи“ - вели Корубин.

Паралелно со сликарството и мозаиците завземаат голем дел од неговото творештво

„Како одминуваат годините, се намалува животното време, имате чувство дека желбите, идеите и предизвиците се множат. Работите течат по една природна динамка. Мозаикот е слика во камен, каде убавината на каменот , неговата структура, енергија, доаѓа посебно до израз. Каменот многу припомага да постои една фина енергија. Во сликарството пак немате таква помош. Сликарството е само боја, а со бојата морате да насликате и камен и сонце и светлост. Мозаиците и сликарството се допираат во својата слика но, се и сосема различни“.

Извор: „Утрински весник“