ПО 56-ТИ ПАТ ГОДИШНА ИЗЛОЖБА НА ДЛУМ


Македонската ликовна сцена го покажа својот сјај

По 56-ти пат ДЛУМ пред присутните ги покажа достигнувањата на македонската ликовна сцена, а беа претставени дела на 110 уметници од сите генерации


Во присуство на љубителите на уметноста во петокот вечер, во Музејот на Град Скопје, беше отворена Годишната изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. По 56-ти пат ДЛУМ пред присутните ги покажа достигнувањата на македонската ликовна сцена, а беа претставени дела на 110 уметници од сите генерации. Делата предизвикаа голем интерес кај граѓаните кои имаа можност да уживаат во најразлични ликовни стилови.
- Во сите овие години поминати се многу премрежја, а утемелени се и нови правци кои денес се на ликовната сцена. Оваа изложба претставува можеби еден најостар генерациски премин. Застапени се и лауреатите на македонската ликовна сцена и најмладите уметници. Тука се и делата на оние уметници кои веќе не се меѓу нас, и тие ќе останат да зборуваат за нивно безвременско постоење, потенцираше Тања Балаќ, претседател на ДЛУМ.

На отворањето беа доделени и четири награди на уметниците од страна на уметничкиот совет на ДЛУМ. Наградата Лазар Личеноски ја доби академскиот сликар Решат Ахмети, а наградата Димитар Кондевски - Ивана Младеновска. Наградата Јордан Грабул отиде во рацете на Сашо Саздовски, додека наградата Димче Николов за графика ја доби Горан Јованов.

Годишната изложба на ДЛУМ отсекогаш била и показател каде се движи македонската ликовна уметност. Промоторот на изложбата, академикот Луан Старова, пак, додаде дека нашите сикари уште од дваесетите години, (Никола Мартиновски, Лазар Личеноски...), па се до денешните генерации, се забележани и во Франција, иако како пример само во Париз има околу 120 илјади галерии.
-Во селектираните дела најмногу се претставени дела изработени во техника масло на платно, помалку графики и скулптури. Од првата изложба 45 година ДЛУМ е двигател и аниматор на ликовниот живот во Македонија, додаде Старова.

(Д.Т.)  Вечер
Фото: Н Батев