Mozaici.Cemerski.jpg

Три сонца над Македонија на мозаичкиот диптих на Чемерски

Погледнете го авторот Глигор Чемерски, срамежливо застанат пред своето чудесно дело. Како и секој од нас, во моментов, и тој ја чувствува истата возбуда. Ако го прашаме што сакал да ни каже, може само да покаже кон ѕидовите. За него, работата е завршена. Поминат е потешкиот дел од патот, кога е создадено уметничкото дело. Преостанува оној другиот, полесниот, но можеби поважниот, кога ќе се случи неговото восприемање.

Ова е резиденцијален простор, на ова место многу угледни гости можеби првпат ќе се сретнат „во живо“ со уметноста на Македонија, а и со уметноста за Македонија. Среќен стек на околности е што овој мозаички диптих претставува едно од најсинтетичните дела на нашата уметност свртени кон сопственото битие.

Во творештвото, не само на еден човек туку често и на цели народи или епохи, синтезите се создаваат ретко и тешко. Во ликовната уметност тоа е дотолку потешко што е таа просторна уметност, а синтезите, знаеме, бараат временска вертикала. Како на просторот да му се вгради времето, со чисто ликовни средства? Што е она што на овој чудесен диптих ги држи заедно неолитска, античка и словенска Македонија без видлив конфликт? Километри простор од камче до камче, време населено во дух, згуснатост – колкава е раздалеченоста на сонцето во стварноста на вистинскиот простор, толкава е блискоста на сонцето во згуснатото време на мозаикот на Чемерски.

Начинот на кој времето се вградува во едно уметничко дело е една од најтешките творечки задачи. Во мозаичкиот диптих што е пред нас, таа е решена како „квадратура на кругот“ од шарени каменчиња, со поврзување на далечните времиња и состојби со исто толку далечни техники и постапки, карактеристични за целото творештво на Чемерски, а овде доведени до совршенство со една противставена усогласеност. Технички гледано, „временската вертикала“ е создадена со помошта на симболите и артефактите од различни времиња, а нивното единство, на ликовен план, воспоставено е со симбиозата на разните и меѓусебно далечни ликовни постапки. Така, со еден пристап, кој привидно личи на произволен синкретизам, сродните нешта расфрлани низ времињата и просторите, се поврзуваат во духот со различни стилски постапки. Она што Чемерски го нарекува „жива Византија“, колоритот и опитството на византиското сликарство го испреплетува со модерното експресионистичко искуство. Кохерентноста на светот (од цели површини) е раздробена со импресионизмот, а веќе со експресионизмот почнува буричкањето по утробата на тој свет. Главната цел на секоја уметност е да ја состави целината, а главното прашање на модерната уметност – може ли од раздробените делови, од трошките и од расфрланите камчиња повторно да се воспостави таа изгубена целина.

Двата навидум независни мозаика од најновото, а можеби и најамбициозно дело на Чемерски, треба да се посматраат како единствено остварување, како две поли на еден и ист грандиозен диптих кој контрапунктски се надополнува. Во прашање е една целосна визија што созревала со години и потоа наеднаш се олицетворила, дури до најситните детали. Низ обата мозаика тече истата приказна, како во два паралелни света, во два ту противставени ту комплементарни колорита. Поголемиот мозаик од диптихот е насловен „Македонија – светла земја“, а помалиот „Македонија – земјата памети“. Каква е разликата меѓу нив и каква е врската меѓу нив?

Ова е мозаик за Македонија направен со раката на еден уметник кој минал низ многу светови и Македонии за да стигне до онаа родена од сопственото око, како од некое прапраморе. Оваа композиција со две различни крила свртени кон две различни страни на светот, оваа симфонија во пердувесто бело, ова сонце од златни лушпи направено, ова сино езеро што се влева во темното ултрамаринско море, ова смарагдно татковинско лозје со замислено бледо момче загледано во магичната птица феникс која само што не ја изела уроборската змија, опкружено со овоштарници, со јаболкници слични на трендафили, со зурли и тапани, со ора предводени од добриот пастир, со стари амфитеатри со маски, со свирач седнат под кулите на градот за кој само тој не знае дека е Охрид, овие познати и мили предели, овие Ерихонски труби под родното небо и над родните бавчи, оваа оркестрација и пулсирање на бои, сето тоа е само дел од возбудата што ја донесува уметничкиот впечаток. Значењата, сами за себе, можат да се стокмат, но срцето не може да не' излаже. Над целиот предел лежи тешкото златно сонце како благослов и се' под него огреано е од неговиот сјај кој стреми да му се врати во миријади невидливи фотони кои ја создаваат густината, растојанијата меѓу предметите, осмиците на патиштата кои ги поврзуваат градовите и луѓето од обете страни на централната елипса под сонцето, елипса како Средоземно Море или око, око од чии длабочини се раѓа она што е централна фигура на поголемиот мозаик, комплементарна со сонцето, сликата на човекот во кајак.

На тој поголем мозаик даден е животот на Македонија, нејзиниот минерален и растителен свет од кој ќе се родат уметничките и културни артефакти прикажани на помалиот мозаик наречен „Што памети земјата“. Навистина, што памети земјата? Она што го гледаме на тој помал мозаик од диптихов е култура. Културата е она преку што паметиме, но и она што го овозможува паметењето, што нас самите не' помни. Сликата на Големата мајка, комплементарна со уроборосот од поголемиот мозаик, како симбол на вечното кружење и обновување на природата, ја потцртува древната автохтоност на насликаниот простор. Кога покрај златната античка маска ќе се најдат иконографски верните ликови на светите Кирил и Методија и стилизираните, како букви шилести лица на св. Климент и св. Наум – заедно со глаголското и кирилското писмо – историската вертикала се воспоставува спонтано, според некој внатрешен автоматизам. Централната фигура е играчот од Стоби кој ликовно ги вклучува асоцијациите на идеалниот човек на Витрувие, нацртан од Леонардо, врамен во идеалните геометриски тела, кругот и квадратот. Но, тој круг во квадрат, исто така, е сонце, според ликовната претстава, но и според значењата, со што и ликовно и метафизички се потцртува и сончевата загатка на Кокино, од дното на мозаикот. Така се собираат на едно место трите сончеви симболи од три различни сфери кои, заедно, греат над Македонија како трите сонца од народната песна. И во средиштето на сите три е човекот, во тројната иконографска претстава на сонце, бог и уметнички лик.

Византиското сликарство не знае за перспектива, тоа е заситено со сопствениот внатрешен сјај свртен само кон внатрешните хоризонти. Зародокот на перспективата, како навестување на патиштата по кои ќе тргне Европа со ренесансата, видлив е, меѓутоа, тоа го знаеме сите, на фреските од Нерези или на мајсторските дела на Михајло и Евтихие од „Богородица Перивлептос“ во Охрид. Тој византиски свет со бегло навестена перспектива роден е тука, на наша почва, и згаснал тука. Ретки се, но не се непознати појави, тековините на старите култури и на старата уметност да се родат во нов вид, по многу години или векови, како што на пример профилите и линеарноста на старата египетска уметност се појавија на платната на модерната уметност на 20 век. Чемерски е еден од оние големи сликари и кој, небаре разбуден од сонот од приказната за заспаната убавица, го продолжува чекорот започнат и смрзнат во воздухот пред седум века. Неговата врска со Византија не е само во златото или синилото на византискиот колорит, и не само во нејзиното вгнездување во модерното сликарство, заедно со гласовитата синтагма „жива Византија“, туку и во тоа продолжено движење, во таа обновена перспектива на еден трајно скаменет, чудесен, но бесперспективен свет.

Перспективата на ова грандиозна мозаичка композиција дадена е преку пловидбата или, поточно речено, преку летот на гемијата и осамениот гемиџија од средишниот дел на мозаикот, под големото златно сонце. Длабочината и просторот, се разбира, а со тоа и внатрешната перспектива, дадени се во движењето од каменче до каменче, во бујната оркестрација на белото во бројни модулации под златната усвитеност на сонцето. Тоа се инакви перспективи со внатрешни, метафизички димензии. Но, вистинската, или барем реалната, земна перспектива дадена е токму преку лаѓата која се кренала над своето море и летнала кон безмерноста на просторот. Има тука нешто од грандиозните ликовни претстави за постанокот, но и за крајот на светот. Кој е тој што седи во лаѓата, Бог кој лебди над водите додека го создава светот, или неговиот Син анаграмски скриен во рибите кои пливаат околу лаѓата, кои ќе го наранат светот без да се потрошат. Или станува збор за Икар кој опасно му се приближува на сонцето? Или за Ное кој се спасува во својата арка? Или е во прашање просто убавината и младоста на светот, олицетворена во некое вечно младо божество, сето она што само уметноста може да го собере на едно место, под својот драгоцен покрив?

Ова е радосен ден за Македонија и вистински празник на нејзината уметност. Земјата помни затоа што уметноста не заборава.

 Акад. Митко Маџунков