Амбасадорот Јозеф Браун го нарече 79-годишниот автор „жива легенда“

„Патувањата на Адолф Борн низ просторот и времето“ гласи мошне умешно избраниот наслов за изложбата, што прексиноќа беше отворена во Националната галерија, Мултимедијалниот центар „Мала станица“, со обраќања на министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, на амбасадорот на Република Чешка, Јозеф Браун и на директорката на галеријата, Маја Крстевска.

На публиката и е понуден раскошен и навистина возбудлив свет на Адолф Борн, еден од најпознатите чешки илустратори за деца и млади, сликар и графичар, кој роден во Чешке Валенице во 1930 година. Досега реализирал околу 150 изложби, бил ликовен соработник на 65 филма, автор на анимирани филмови, на карикатури...

Амбасадорот Јозеф Браун, ја воведе публиката во впечатливиот избор на презентираните дела, посочувајќи на личното познанство со Борн и на неговата остроумна, комична и невообичаено богата продукција. Го нарече „уметник кој за време на животот прерасна во жива легенда“, горд што и го претстави на македонската публика за време на актуелното, чешко претседателствување со ЕУ, со цел да го збогати културниот живот на Скопје, со „нешто што е и европско и чешко“.

Министерката за култура Милевска, цитираше една авторова мисла како лајтмотив за изложбата, потенцирајќи дека, иако во реалноста не се остварува брзо, сепак, живее во неговите дела: „Би сакал човечката глупост, која ги измислила границите, како имагинарните така и реалните, веднаш да исчезне. Спаѓам меѓу оние што се многу, многу оптимистични“.

Публиката на отворањето не го криеше своето изненадување и возбуда од презентираните дела на Адолф Борн, графики, во најголем дел литографии во боја, бакрописи, но и анимирани филмови, од каде ја набљудуваа неповторливи ликови од минатото, од приказните, соништата, фантазиите, мечтите... (К.Б.) Утрински весник