ВО МУЗЕЈОТ НА ГРАД СКОПЈЕ ИЗЛОЖБА НА ГОЛЕМИОТ УМЕТНИК ОД ВРЕМЕТО НА МАКЕДОНСКАТА ПРЕРОДБА

Потребна е целосна заштита на делата на Дичо Зограф

Во моментот, сите негови дела не се во состојба да бидат презентирани, вели Викторија Грозданова-Коцевски, историчар на уметноста


Dicho.izlozba5.jpgДичо Зограф мора да го добие заслуженото место во македонската уметност и воопшто, во македонската историја. Сите негови дела треба да бидат конзервирани и подготвени за презентација не само дома туку и во странство. Тој е еден од најмаркантните ликови во 19 век - периодот на македонската преродба, вели Викторија Грозданова-Коцевски, историчар на уметноста од Музејот на град Скопје. Таа во матичната институција ја подготви изложбата „Иконописното творештво на Дичо Зограф во Скопје и скопскиот регион“. Претставени се 16 икони, престолни, празнични и со ликови на апостолите, изработени меѓу 1845 и 1861 година. Тоа е мал процент бидејќи во регионот се евидентирани повеќе од 300 дела од големиот мајстор.  Дел од нив се во добра состојба, сочувани, конзервирани, „стегнати се“. Но, има дела што треба итно да се средат. Треба да се води сметка поинтензивно да се работи на заштита на творештвото на Дичо Зограф. Реално, во овој момент сите негови дела не се во состојба да бидат презентирани - вели Грозданова-Коцевски.

Според неа, недоволната почит кон ликот и делото на Дичо Зограф во изминатите години ја мотивирало да ја подготви изложбата. Скопскиот регион во неговото творештво е многу малку обработен.

- Проблемот е што средниот век и византискиот период отсекогаш биле повеќе форсирани отколку 19 век. А ние имаме богат 19 век, особено во црковната уметност - вели Грозданова-Коцевски.

НА ИЗЛОЖБА КАЈ ПРАПРАДЕДО

Таа се зачудила кога на отворањето на изложбата и' пристапил некој човек и се претставил како праправнук на Дичо Зограф. Аврам, еден од синовите на Дичо имал ќерка Темјана. На изложбата дошол синот на Темјана.

- Бил пресреќен. Кратко разговаравме. Не му се веруваше што се случува - објаснува Грозданова-Коцевски.Таа вели дека тие контакти им се многу важни во истражувачката работа. Така се откриваат нови податоци, документи што ќе помогнат да се разјаснат повеќе работи во животот на авторот.

- Одредени податоци знаеме од неговата ерминија. Таму тој го напишал родословот. Но, не ги знаеме другите делови. Неразјаснета е смртта на Дичо Зограф. Дали починал во 1872 или во наредната година? Се претпоставува дека случајно го отрула неговата жена. Тоа се претпоставки што допрва треба да се разјаснат - вели Грозданова-Коцевски.Таа го издигнува Дичо Зограф како централна личност на 19 век поради талентот, плодноста на неговото творештво во кое се вбројуваат околу 3.000 дела. Специфичен е, вели Грозданова-Коцевски, според пристапот кон создавање на делото, во однос на линијата, јачината на боите и заради талентот што го поседува. Роден е во мијачкото село Тресонче, во 1819 година. Првпат како Зограф се потпишал кога имал 25 години.

СКРИЕНИ ПОРАКИ

Дичо Зограф во 19 век се издвоил како поединец. Неговите почетоци не се во рамките на тајфите, што било карактеристично за тоа време. Создал своја школа, свои ученици меѓу кои биле и неговите синови Аврам и Спиридон. Историчарите на уметноста денес ги препознаваат нивните дела, не според потписите, туку според иконографијата што ја презеле од својот учител.

- Дичо е многу наративен во композициите и во разработката на деталите. На пример, знаеме дека Леонардо да Винчи во своите дела оставал пораки напишани наопаку - не можете да ги забележите ако не земете огледало. И кај Дичо го сретнав тоа. Тоа се детали што постојано се откриваат во текот на истражувањата. Тој сакал да затскрие нешто, да не биде видливо, да мора да се проучи. Има многу голема длабочина - вели Грозданова-Коцевски.

Таа додава дека бил голем познавач на книжевноста. Се движел во високите граѓански кругови на 19 век, се дружел со Кузман Шапкарев, со Григор Прличев. За Прличев насликал икона, која ја чувала сестра му, а сега е кај неговата внука. Сликал и за семејството Робевци во Охрид.

- Мора да откриеме како Дичо станал толку добар. Од кого учел? Наоѓаме показатели дека учел тука, во Македонија, а не во Грција како што се мислеше досега. Се надевам дека со натамошните истражувања ќе ја решиме и оваа дилема - вели Грозданова-Коцевски.

ИНФО-Одлично сочувани скопските икони

Шеснаесетте икони на изложбата се од црквите од Скопје и од околината, а две се од Музејот на град Скопје. Соработката со МПЦ била одлична. Со селските црковни одбори имало мали проблеми што набргу биле надминати.Речиси сите икони од Дичо Зограф од скопската околина се во одлична состојба - за нив се грижи Конзерваторскиот центар од Скопје.

СТАВ
Повеќе почит кон Зографот

Речиси сите слушнале за Дичо Зографот. Но, најчесто по асоцијација (според презимето) логички заклучуваме дека Зографот мора да сликал фрески и икони. Но, колку навистина го познаваме Дичо Зограф? Реално, многу малку. Неговото творештво досега било малку истражувано, зашто живеел во „помалку интересниот“ 19 век. Тоа што Григор Прличев значи за литературата во времето на македонската преродба, тоа е Дичо Зограф за сликарството во тоа време. Но, во ова време, неговото дело мора целосно да се истражи, целосно да се заштити и, конечно, достоинствено да биде презентирано.
Весна Ивановска- Дневник

Друго:

ИКОНОПИСНОТО ТВОРЕШТВО НА ДИЧО ЗОГРАФ ВО СКОПЈЕ И СКОПСКИОТ РЕГИОН

Dicho.izlozba.jpg

ДИЧО ЗОГРАФ - еден од најистакнатите македонски зографи

{moshits}