Лондон, 1 мај (МИА) - Самостојна изложба на македонскиот сликар Сергеј Андреевски беше отворена синоќа во Лондон, во изложбениот простор на угледната  Ла Галерија. На трите нивоа на галеријата, сместена на Пал Мал, во најстрогиот центар на британскиот главен град, Андреевски изложува дела од последните пет години на својот сликарски опус и сликарските циклуси „Џез-слики“ од Северна Каролина, приказни за Александар Македонски, како и слики инспирирани од шкотскиот Хајленд.

Во присуство на Македонци кои живеат и работат во Лондон, претставници на дипломаткиот кор, угледни британски гости и неколкумина домашни ликовни критичари, како и дел од гостите од Македонија кои претходната вечер учествуваа на отворањето на првиот македонски филмски фестивал, изложбата ја отвори амбасадорот на Република Македонија во Обединетото Кралство Марија Ефремова.

Во изјава за МИА, Андреевски вели дека е задоволен од интересот на публиката при отворањето на изложбата во Лондон и верува во успехот на својот настап пред британската публика.

Ова е прва самостојна изложба на Сергеј Андреевски во британската престолнина. Тој е добитник на седум национални награди, а има учествувано на над  400 заеднички изложби во Европа, Америка, Јапонија и пред домашната публика во Македонија. Самостојно досега се има претставено на преку 50 изложби.

Проектот за изложбата е осмислен и целосно е организиран од артистичкиот менаџер Катерина Ритман, Македонка која подолго време живее и работи во Велика Британија и која најавува нови и други настапи на уметници од Македонија, настојувајќи дел од македонското уметничко творештво да им биде достапно и на Британците.

 

На отварањето на изложбата со кус настап се претстави младиот македонски виолинист Марко Поп Ристов, кој на почетокот од минатиот месец во Лондон ја доби првата награда во натпреварот за австралиски музички изведби.

Изложбата на македонскиот уметник Сергеј Андреевски ќе биде отворена до 5 мај. ти/хс/9:51

###