Галеријата ќе биде преносна и лесно монтажна. На една локација вообичаено би стоела околу 3-4 недели, но доколку се обезбеди добра и интересна локација, може да стои на иста локација и една изложбена сезона од три месеци. По демонтирањето ќе биде поставена на друго место или одложена на пократок период во магацин


 НОВ ПРОСТОР ЗА НЕЗАВИСНАТА СЦЕНА

Прва монтажна и мобилна галерија ќе добијат уметниците што од разни причини имаат проблем со наоѓање простор за презентирање на своите дела. Просторот би требало да почне да функционира во март, а галеријата сѐ уште е во фаза на изработка.

- Галеријата ќе биде преносна и лесно монтажна. На една локација вообичаено би стоела околу 3-4 недели, но доколку обезбедиме добра и интересна локација, може да стои на иста локација и една изложбена сезона, која во принцип не трае повеќе од три месеци, за потоа да биде демонтирана, поставена на друго место или одложена на пократок период во магацин и повторно наместена на истиот, близок или некој друг простор - вели Анита Ивковиќ од Центарот за современи уметности-Скопје, чија идеја е мобилната галерија.

Во периодите кога ќе нема активности галеријата ќе им биде на располагање на сите заинтересирани, а во иднина намерата е да се организираат и патувачки изложби и настани насекаде низ Македонија.
- Сакам да напоменеме дека Скопје како главен град нема независен културен простор, најчесто галеријата ќе се поставува на локации во Скопје, но наша цел е и да одговориме на секое барање на независните институции или уметници од внатрешноста и галеријата да ја направиме лесно достапна за сите - вели Ивковиќ.

Со монтажната мобилна галерија конечно Скопје и другите градови и села ќе добијат реален независен простор каде што ќе можат да се претставуваат различни проекти од сите области на културата и уметноста.

Од Центарот за современи уметности укажуваат дека галеријата ќе покаже дека игнорирањето на потребите на независната култура не дава резултат бидејќи секогаш ќе се појават начини и форми, кои ќе пркосат и ќе успеат да ги пробијат бариерите и да испливаат на површина.

- Практично преку галеријата ќе покажеме дека и во услови на затворени јавни институции незаинтересирани за соработка со независната уметничка заедница постои начин за нивно целосно заобиколување и сервисирање на културната продукција, публика и граѓаните и нивните потреби.
Долгорочно ова би требало да влијае и на самите институции, кои конечно ќе сфатат дека тие не се „папокот на светот“, туку сервис на граѓаните, а ако не ја извршуваат таа функција граѓанските организации се кадарни и способни да пронајдат иновативни решенија на проблемите - вели Ивковиќ.

Иновативни решенија на проблемите

Според нивните искуства, повеќе од пет години независната културна сцена и уметниците во Македонија, а особено во Скопје, немаат простор за дејствување.

- Јавните културни установи се соочуваат со огромна декаденција, политички притисоци и несоодветни кадровски решенија. Во такви услови независната култура, уметничкото изразување и слободната мисла немаат некои големи можности за развој. Просторите како „CIX“, „Куршумли-ан“, „Точка“, „ЦК“ се одамна евтаназирани или поради прескапите трошоци што ги генерираа или поради откажување на поддршката од јавните институции - велат од Центарот за современи уметности Скопје, една од најстарите независни културни институции во минатите 20 години.

Во периодот 1998-2002 г. центарот го имаше просторот „CIX галерија“, кој во 2002 г. е затворен, како што велат поради огромните трошоци, а во периодот 2003-2007 г. во соработка со Музејот на Македонија креираа еден од првите хибридни простори - галеријата „Куршумли-ан“ (партнерство помеѓу национална институција и НВО), кој исто така не успеа да опстои.

- Оттука и идејата за мобилната галерија како креирање сопствен, независен и екстремно евтин за одржување, а со тоа и одржлив простор за дејствување - велат од центарот.

Одличен одѕив на конкурсот

Центарот за современи уметности лани објави повик до сите ликовни уметници, ликовни критичари и куратори, да поднесат идеи за настани во мобилна монтажна галерија, кои ќе бидат реализирани во текот на 2014 година. Има голем интерес и пристигнати се доста пријави.

Повикот се однесува на самостојни ликовни проекти и еден мултимедијален проект на уметници/куратори/уметнички групи, кои ќе бидат целосно реализирани најдоцна до средината на јуни годинава, во соработка со Центарот за современи уметности. Финансиската конструкција на настаните може да биде до 40 илјади денари.

Настаните ги селектира жири на центарот. Не постојат ограничувања во изборот на медиумот или, пак, во старосната граница на повиканите.

Спроведувањето на проектот „Мобилна монтажна галерија“ на Центарот за современи уметности е поддржано од проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го реализира фондацијата „Отворено општество-Македонија“.
    
      
Автор: Весна Дамчевска / Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.