Во Чифте-амам е презентиран погледот на бугарските уметници Елена Панајотова, Димитар Јаранов и Гордон Картер

 

„Во услови на актуелните историски случувања, уметниците мораат да покажат многу поголема флексибилност и способност за забележување , волја за истражување и толкување на социјалните морални, етички и политички и други прашања, а во обид да се протолкуваат „недефиринаните “ знаци, сокриени зад видливото, условно реалното“ - посочува меѓудругото кураторот од Националната галерија на Македонија, Менка Карапашовска воведувајќи ги посетителите во она што го нудат авторите на делата, презентирани на изложбата „Документ(арна идент)ификација“. Изложбата беше отворена вчера напладне во Чифте амамот во Скопје, а ја чинат делата на тројца современи бугарски уметници Елена Панајотова, Димитар Јаранов и Гордон Картер. Во нејзиното оформување учествува и кураторот од Бугарија, Јово Панчев кој посочува дека во презентираното „концептуално-документарно“ сликарство доминираат слики од материјалниот свет, кадри кои веќе поминале низ материјалната реалност“.

Тројцата автори работеле одделно, фокусирани на идејата, создавајќи, како што вели Елена Панајотова, различен вид на подиректен автопортрет. Таа своите дела ги презентирала во Националната галерија во Софија, а во план и е и уште едно продолжение со кое вели дека ќе ја исцрпи темата, чиј почеток е врзан за нејзините први белешки кои ги правела на шест годишна возраст, преку несразмерно зголемените цртежи кои ги содавала во детството, да продолжи со создавање дела чија идејна подлога се лични документи(изводот од матична книга на родени, пасош, лична карта, различни влезници со слика за идентификација).

„Делата се создавани со мала доза на хумор, бидејќи сеуште во Бугарија нема закон за заштита на личните податоци и јас вака на некој начин се разголувам. Сакав да видам дали од документите кои се неинтересни, можам да направам одредена уметничка интервенција. Особено ми е интересно да се фокусирам на одреден детал кој со зголемување може да добие друго значение, бидејќи секој детал носи одредени спомени“- вели Панајотова.

 

Делата на Димитар Јаранов се создавани во изминатите четири години во кои, како што вели, видел и лоши и убави нешта. „ Делата на кој е претставен грд дел од нашата стварност, се еден вид терапија за луѓето кои ги гледаат. Тие се замислуваат зад фактот дека сите сме жртви. Но нивното создавање е и моја терапија, бидејќи и јас живеејќи на Балканот исто така сум изложен на различни влијанија. Едно дело создадов и под директна импресија од бомбардирањето на Белград од страна на НАТО, но дел од делата се инспирирани од видените сцени во медиумите од Ирак на пример. Тоа е една глобална политика во светот која се надевам дека ќе помине, а со таквата реалност, граѓаните може да се соочат на овој начин и преку уметноста. За мене е интересен фактот дека делата со мотиви од лошата страна на реалноста се барани, се продаваат“.

Третиот автор, чии дела исто така привлекоа заслужно внимание кај публиката, Гордон Картер по потекло е Американец а веќе седум години живее во градот Видин на Дунав и има бугарски пасош. Создавањето на презентираните дела траело 24 часа во галерија во Видин и било пренесено на Интернет

На отворањето на изложбата говореа директорката на Националната галерија Маја Крстевска и бугарскиот амбасадор во земјава, Михо Михов кој на бугарски јазик, без превод, посочи на значењето на уметноста а на претставниците на галеријата им го честиташе и 60 годишниот јубилеј на постоење на институцијата.

Катерина Богоева -Утрински весник