ГАЛЕРИСKАТА ДЕЈНОСТ ВО НАРЕДНИТЕ ПЕТ ГОДИНИ

Ќе живне откупот на ликовни дела

 


Треба да се поттикнува откупот на ликовни дела, да се пополнат збирките во музеите и галериите, уметниците да се поддржат.. Ова се дел од приоритетите на државата за галериската дејност во Националната стратегија за развојот на културата во наредните пет години. Kустосите и раководителите на институциите со години предупредуваат дека откуп веќе нема. Велат проблемите почнале по осамостојувањето на Македонија.

Државен фонд

И на форумот „Откупната политика на музеите и приватното колекционерство во Република Македонија“, кој лани го организира Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (ИKОМ) експертите констатираа дека нема јасна откупна политика и поради тоа музеите осиромашуваат.

- Еден од заклучоците беше градење стратегија за откуп на музејски материјал - објаснува Захаринка Алексоска-Бачева, кустос-советник при Музејот на современата уметност и претседателка на ИKОМ.

Според Алексоска-Бачева, откупот на ликовни дела во последните две децении е загрижувачки.

- Kолекционирањето треба да биде приоритет во музејското дејствување, но тоа со децении не се почитува од нашите финансиери - Министерството за култура. Така се соочуваме со празнини во збирките со дела од рецентната македонска ликовна сцена. Парите за откуп на едно-две дела годишно уште повеќе го потврдува фактот за непостоење откупна политика, воопшто. Музејот на современата уметност делумно успева да ги избегне големите празнини во своите збирки преку донираните дела од самите автори, но донацијата е повеќе знак на благодарност на уметниците што не секогаш придонесува во збогатување на збирките на институцијата - вели Алексоска-Бачева.

Таа додава дека современата ликовна уметност денес не познава класична медиумска поделеност (сликарство, скулптура, графика...), па кога се зборува за поттикнување на ликовното творештво треба да станува збор за поддржување квалитет во ликовното творештво, независно од изборот на медиумот при изразувањето на ликовната мисла.

- Во поддржувањето на проектите за откуп на уметнички дела се наметнува потреба и од создавање посебен државен фонд за откуп со комисија составена од стручни лица од националните институции, чија основна дејност е колекционирање дела од современата ликовна уметност. Откупените дела би станале дел од колекциите на истите - вели Алексоска-Бачева.

Добредојдена помош

Сликарот Kоле Манев ја поздравува идејата да се поттикне ликовното творештво преку откупот на ликовните дела. Тој потсетува дека таква пракса имало во минатото.

- Не откупуваа тие што се занимаваа со ликовна и галериска дејност, туку министерствата, амбасадите. Имаше пракса да се откупи по едно ликовно дело по секоја изложба. Така се стимулираше творештвото на ликовните творци - вели Манев.

Стимулацијата на ликовите уметници добро ќе им дојде. Долго се препуштени сами на себе. Сами обезбедуваат материјали за работа, пласман за своето творештво.

Според скулпторот Гоце Наневски, откупот на ликовни дела е повеќе од потребен.

- Од средината на 80-тите години до денес откупот во Музејот на современата уметност скоро и да замре. Не само на македонски, туку и на странски дела. С` што има во колекциите на МСУ е набавено од шеесеттите до осумдесеттите години. С` друго е подарок, донација или инцидентен откуп. А факт е дека македонската ликовна уметност продуцира антологиски дела во изминатиот период, кои треба да бидат застапени во институциите. Има и многу други, кои треба да ја пополнат таа неколкудецениска празнина - објаснува Наневски.

Состојбата е дополнително усложнета зашто Македонија е земја што нема сопствен пазар на уметнички дела, па државата е единствениот субјект што откупува. Според Наневски, во националната стратегија е неопходно да се направи и модел за создавање критичко јадро, кое ќе може да внесе новини во целата дејност.

- Ние сме меѓу последните држави во кои уметноста зависи сосема од државата. Таа во последните години вложува многу во ликовната уметност, но кога човек ќе се сврти наназад, којзнае кога тоа ќе се повтори?! Стимулацијата секако ќе биде добредојдена, ќе се подобри квалитетот на збирките, а ќе биде поттик и за ликовните уметници - вели Наневски.

Весна И. Илиевска