Нема црква без претстава на Рождеството Христово
Нема црква во која не е насликано Рождеството Христово, вели академикот Цветан Грозданов, експерт за средновековно сликарство, во пресрет на Божиќ, најрадосниот празник во христијанството.
- Рождеството Христово, заедно со Велигден, празникот на неговото воскресение и денот на Христовото крштевање, се трите највисококотирани меѓу 12-те празници во христијанството. Претставите на овие настани се и меѓу најчесто застапените мотиви на фрескопис и иконопис. Но, речиси и не постои црква без ликовен приказ на раѓањето Христово - вели академикот Грозданов.
Според канониите на живописот, секој иконостас мора да содржи и претстава на раѓањето Христово, зашто, според христијанското верување, светот е спасен со доаѓањето на свет на Божјиот син.
- До денешен ден, во светската уметност, се насликани милиони слики и ликовни претстави на овој значаен настан. Само во македонските цркви постојат неколку илјади претстави на Рождеството Христово - вели академикот Грозданов.
Но, во научната мисла не постои консензус за тоа која од овие претстави е најубава и најзначајна од ликовен аспект.
- Тоа е исто како да се обидеме да кажеме која е најубавата песна во македонската традиција или кој е најдобриот роман во македонската литература - вели академикот Грозданов.
Сепак, како што вели овој експерт, меѓу најкарактеристичните на оваа тема се фрескописите во Курбиново, во црквата „Свети Климент“, позната и како „Богородица Перивлептос“ во Охрид и во скопско Нерези.
Во модерната уметност на Македонија, пак, полека исчезнува ваквото присуство на религиозните мотиви, генерално, а претставата на раѓањето Христово речиси и ја нема.
- Кај некои од помладите сликари можат да се сретнат религиозни мотиви, како кај Новица Трајковски, на пример, но генерално таа тематика е малку застапена. Теми од христијанството може да се сретнат како парафраза, на пример, во сликите на Александар Станковски или кај Жанета Вангели - вели Ана Франговска, историчарка на уметноста.
Религијата отсекогаш имала голема улога во човечкиот живот - во секојдневниот и во оној подлабокиот, духовниот и интимен живот. Таа длабока поврзаност се огледува и во уметноста, во која овие два аспекта, од почетокот на цивилизацијата до денес, редовно оделе рака под рака. Уметниците со векови наоѓале непресушна инспирација токму во религијата, а голем број мотиви што секогаш одново се појавуваат во уметничките опуси на одредени култури, по правило, имаат корен во нивните верувања и религии.
Христијанството како најмоќна религија на западниот свет набргу по инаугурацијата и официјалното признавање го добива приматот во ликовното изразување. Архитектурата, сликите и скулптурите ја одразуваат моќта на црквата. Фактот што црквата долго време била и институција што нудела образование придонел богатите фрески во божјите храмови неретко да бидат и своевидни „книги во слики“ или - учебници за неписмените.
На тој начин, низ вековите се профилирале одреден број теми на кои уметниците и нарачателите секогаш со радост им се навраќале, а кои се врзани за раѓањето, животот и смртта на Исус. Иако списокот на свети теми во западната уметност е подолг, хиерархија сепак постои, па некои теми се покажале како поомилени од други. Меѓу омилените се Христовото раѓање и ликовните претстави на настаните што се во директна поврзаност со него - Благовештението кога архангелот Гаврил & го навестил на Марија среќниот настан, поклонувањето на кралевите пред новороденчето и претставите на Богородица со бебето Христос.


Ј. Ф.