Во Битола беше промовирана монографија "Хераклеја Линкестис", чиј автор е Аница Ѓоргиевска, археолог во НУ Завод и Музеј-Битола.

- Станува збор за монографско издание на 260 страници, пишувано на македонски и англиски јазик. Во него има голем број археолошки предмети, архитектурата на Хераклеја, прекрасните мозаици и други вредности кои говорат за културно-историското наследство во Македонија, но и документ за докажување на вистината за сопствениот народ, вели авторката Аница Ѓоргиевска.

Во монографијата се разоткрива дилемата дали Хераклеја е град на Филип Втори, односно како што потврдува археологот Ѓоргиевска, "Хераклеја дефинитивно е град на Филип Втори и ние треба да се гордееме со тоа".

- Ако добро се чита монографијата ќе се согледа разликата меѓу античките Македонци и Хелените, предочи авторката Аница Ѓоргиевска.

Монографијата "Хераклеја Линкестис" ја промовираше Весна Калпаковска-епиграфичар, а рецензенти се Паско Кузман и Кирил Трајковски.

Издавањето на ова висококвалитетно издание го помогнаа Министерството за култура, Владата на Италија и Општина Битола, а го отпечати печатницата "Микена" од истоимениот град.