ПРОМОВИРАНИ КНИГИ ЧИИ СТРАНИЦИ НЕ ДОЗВОЛУВААТ ДА СЕ ЗАБОРАВИ


Кој им забоде нож во грб на Македонците од Егејска Македонија?!


"Патот за дома" од Евдокија Фотева-Вера и "Изминат пат" на Атанас Кировски се двете нови автобиографски книги кои вчера беа промовирани во МАНУ како потсетување на егзодусот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија


Во Македонската историографија има научни прилози и книги кои не само што научно ја толкуваат македонската (егејска) историја, туку придонесоа со научни согледби и документи да се одговори на круцијално прашање - Кој им заби нож во грбот на Македонците од Егејската Македонија. Тие, пак, нема да бидат целосни ако на нив не се додадат сеќавањата од животот во Егејскиот дел од Македонија, учество на Македонците во НОВ и Граѓанската војна во Грција и голготата на протераните Македонци откорнати од прадедовските огништа во Егејскиот дел на Македонија", истакна меѓудругото Мишо Китановски, еден од промоторите на двата нови наслови, промовирани вчера во Македонската академија на науките и уметностите. Токму сеќавањата на овој историски период од животот на Македонците е претставен и во најновите книги на неодамна починатата првоборка Евдокија Фотева- Вера и на Атанас Кировски, Патот за дома" и Изминат пат", промоција во организација на Републичкото здружение на деца бегалци од Егејскиот дел на Македонија.

Книгата на Фотева засега важни моменти од нејзиниот богат животен пат оживеани од нејзината прва, по 64 години, остварена посета на родниот крај каде во 2003 година се враќа со своите синови. Фотева ова патување го споредува со 20-годишно толкување на Одисеј", вели промотор д-р Катерина Мирчевска.

Но, за разлика од Одисеј кој се вратил дома, Фотева во своето дело вели Блазе си му, бил среќен... Ние Македонците од Егејскиот дел на Македонија по три војни и по седум децении, во сестрано развиениот и цивилизиран 21 век, не можеме да се вратиме во своите домови. Сега светските демократи и родољупци сакаат да не обезличат, не тераат на самоубиство со нивното: името, па името... Името е се, за името не се преговара". Пораката дека македонското прашање за името се уште е отворено и треба да се решава со современите начини на делување, според Мирчевска, е и мотивот на Фотева да го напише ова дело во кое се навраќа на случувањата кои започнуваат од нејзиното родно Дмбени, големото костурско македонско револуционерно село, кое веќе не постои, преку нејзината активност како секретар на НОФ за Леринско во 1945/46...

Авторот на книгата "Изминат пат", Атанас Кировски, пак, за своето дело вели: Во оваа книга ги забележав сите настани кои ги проживеав пред Втората светска војна, за време на војна кога се боревме против италијанските и германските окупатори и граѓанската војна во Грција од 1946-1949 против грчките монархофашисти. Комунистичката партија на Грција ветуваше дека македонскиот народ по ослободувањето ќе ги добие сите права кои ги има еден народ, да зборува на својот јазик, да има свои македонски училишта, своја култура..., вели Кировски. Тој во своето дело се присетува на настани од неговиот живот од село Удово, преку двете војни во Грција, за да продолжи преку Албанија до тогашна Чехословачка, се до Скопје и тоа преку многу граници...

(Д.Т.) -Вечер

http://vecer.com.mk/default.asp?ItemID=A1F2C0D733918C4BA44E7A3CB3945F93