Пелагонискиот митрополит Нектариј, "секогаш и во секоја пригода изјавувал дека е Македонец и дека е горд што му припаѓа на благородниот македонски род". Во сите црковни документи се титулирал како: "Нектариј, митрополит на Пелагонија и егзарх на цела Македонија": податок од 1611 година


- Лавот на македонското знаме е извезен од учителката баба Недела од село Сопот и нејзината ќерка Станислава. Знамето со огнен (црвен) лав на жолто поле е знаме и на Разловечкото востание (1876 г.). Над лавот стои натписот "Македонија".

Овој напис е само дел од историските факти за Македонија, објавени во книгата "Македонски среден век ВИ - ЏВИИИ", во издание на "МИ-АН". Меѓу многуте историски куриозитети може да се најдат и делови од стари документи кои експлицитно говорат за Македонците и Македонија. На пример, во документ од 1380 г., кој денес се чува во Венецијската државна архива, стои: "Градовите Девол, Коњух и Белград (денешен Берат), со целата своја околина, административно спаѓаат во Македонија. Тие се населени со Македонци, кои по говорот и обичаите се исти како и оние по долината на реката Вардар, во Епир, Тесалија, Солунско и Тракија". Анонимниот автор потенцира и дека:

"Старомакедонските словенски имиња на селата, градовите, на реките, долините и планините во Матија, даваат цврст доказ дека тие, Македонците, се потомци на истоименото античко население и први жители на балканските, порано именувани како илирски земји!".
Од издавачот "МИ-АН" велат дека во книгата "е опфатен богатиот период од појавата на христијанството и писменоста во Македонија, заклучно со првите книги на Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, кои ги најавија првите знаци на македонската преродба и народносното будење на Македонците".

Од таму објаснуваат и дека во завршни подготовки е четвртата книга Античка Македонија", со која ќе се заокружи четворокнижието за хронологијата на македонската историја и луѓето и настаните во неа. На овие две енциклопедиски изданија им претходеа и "Сто македонски години" и "Македонскиот деветнаесетти век".

На овој потфат работеа дваесетина научни работници и професори од Институтот за национална историја и Филолошкиот факултет Блаже Конески" од Скопје.

Факти за Македонија

- 1407 г: Во најстариот манастир "Бистрица", во Молдавија, бил составен средновековен романски ракописен споменик, познат под името "Бистрички поменик". На едно место се вели дека подунавските кнежевства "Влашко и Молдава канонски зависат од Охридската црква" и дека "тие се сметаат за делови од Македонија".

- 1604 г: Охридскиот патријарх побарал лично од рускиот Цар Борис Годунов "поддршка од Русија во реализацијата на Проект-планот за кревање востание во Македонија и во Матија (денешна Албанија)".

- 1611 г: Пелагонискиот митрополит Нектариј, "секогаш и во секоја пригода изјавувал дека е Македонец и дека е горд што му припаѓа на благородниот македонски род". Во сите црковни документи се титулирал како: "Нектариј, митрополит на Пелагонија и егзарх на цела Македонија".

- 1668 г: Бившиот охридски патријарх Арсениј пристигнал во Русија и го замолил царот Александар Михајлович "да се сврти кон Македонија и да помогне да може да излезе од стегите на мракот, бедата и неподносливиот ропски живот".

- 1690 г: Австрискиот император Леополд Први издал посебно писмо со кое го зел под заштита македонскиот народ: "Виена, 1690, 26 април. Со ова известуваме дека двајца Македонци, Марко Краида, роден во Кожани и Димитри Ѓеорги Поповиќ, роден во македонски Солун, ни изложија колку македонскиот народ, поради почит кон нашето најправедно дело...; ...да не го напаѓаат македонскиот народ..."

- 1712 г: Патописецот Пол Лука по посетата на Македонија запишал интересен обид за обласна поделба на Македонија: Денес таа е поделена на четири дела-области: Македонија, Јамболија, Коменилитарија и Јана, која била стара Тесалија".

- 1767 г, 24 мај: Официјално и неканонски била укината Охридската архиепископија со синодален акт издаден од Цариградската патријаршија.

Дејан ТРАЈКОСКИ