Премиерот Груевски за белградски НИН: Како партија и Влада подготвени за автокефалноста на МПЦ


 



Скопје, 25 мај (МИА) -
Во интервјуто за последното издание на белградскиот неделник НИН претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски изјави дека е верник, исто како и српскиот премиер, но додаде дека не мисли дека го злоупотребува својот статус на верник во однос на решавањето на проблемот наметнат од страна на Српската православна црква. Груевски демантираше дека апсењето на некои свештеници била злоупотреба на судовите во политички цели. Според него, судот сметал дека уапсениот и осуден свештеник направил кривично дело од финансиски карактер. Владата не се меша во работата на судовите.

- Секоја политичка волја може да биде од корист. Со МПЦ имаме добри односи. Како партија и како Влада стоиме зад автокефалноста на Македонската православна црква.

Сметате ли дека прашањето на автокефалноста на МПЦ е дел од вашата државност?

- Да, сметаме дека е, дека тоа е дел на нашата државност. МПЦ со векови досега била стожер на нашата државност и во моментите кога сме биле под разни окупации, па сметам дека проблемот на црквата не е само црковен, туку има и политичка димензија. Постојат држави кои се заинтересирани овој црковен проблем да ескалира, но сега не би ги наведувал кои се тие.

За НИН претседателот на македонската Влада одговараше и на прашањето за борба против корупцијата, нагласувајќи дека Македонија е меѓу земјите во транзиција каде што злоупотребата на процесите на приватизација биле големи, а во голема мера биле и легални.

- Тогашната власт имаше направено закон со кој се овозможувало тогашните комунистички менаџери за симболични суми да ги купуваат компаниите во кои биле директори. Законите биле така направени за да не може да влегува странски капитал. Тоа се случувало во текот на `95, `96,`97 и `98 година. Менаџерите ја искористија таа можност и си завршија работа, а Македонија поради тоа трпеше сериозни последици. Тоа е причина за економскиот застој во минатото, а последиците ги трпиме и денеска, изјави Груевски.

Претседателот на Владата на Република Македонија во интервјуто потврди дека има многу политички аналитичари кои, имајќи го предвид сегашниот рејтинг на партијата (ВМРО-ДПМНЕ) и неговиот личен, смета дека без размислување треба да се оди на предвремени избори.

- Споредбата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е 3:1 во однос на рејтингот, ние имаме 29 отсто, а тие 10 отсто. Кога се споредуваат личности, разликата е уште поголема, бидејќи јас имам рејтинг 31 отсто, а втор зад мене е Бранко Црвенковски со 6,5 отсто, трет е Али Ахмети со шест отсто, па Арбен Џафери со пет кома нешто, а потоа се другите со рејтинг помал од два отсто. Гледајќи по таа логика и следејќи ја само таа одлука, можеби би требало да одиме на предвремени избори. Меѓутоа, мислам дека предвремени избори во овој момент би била несериозна работа. Со мали проблеми во овој период ние успеваме да ја имплементираме Програмата на Владата и да ја туркаме евроатлантската агенда. Со промени, ама ја остваруваме.

Колку сте воопшто подготвени да разговарате за формирање влада по Бадентеровиот принцип?

- За тоа веќе се изјаснивме. Тоа не е применливо. А не е ниту според Охридскиот договор. Барањата на ДУИ се неразумни.

Дали ќе ве изненади барањето да се менува Охридскиот договор?

- Нема атмосфера за тоа. Кај никој нема расположение за тоа, ниту кај политичките партии, ниту кај меѓународната заедница. А ние од страна на ДУИ не сме имале такво официјално барање, рече премиерот Груевски во интервјуто за белградскиот неделник НИН. жг/паг/13:24