ФДУ го чествуваше театарот и доајените Тодорка Кондова-Зафировска и Димитрие Османли

Скопје, 27 март 2012 (МИА) - Факултетот за драмски уметности  годинашниот Светскиот ден на театарот го посвети на 60 години од дипломирањето на првите македонски режисери и доајени на македонската сцена и филм Тодорка Кондова-Зафировска (1926-2003) и Димитрие Османли (1927-2006) и за нивниот придонес подготви кратка ретроспектива од архивски материјали.

Својот говор за Кондова-Зафировска професорката од ФДУ Јелена Лужина го наслови „Вистинската дама на македонскиот театар“ и рече дека девојчето од Пајко маало на 19 години ја одиграла својата прва улога во првата претстава на македонски јазик „Платон Кречет“, на 3 април 1945, глумејќи ја мајката на насловниот лик, во претставата на  Димитар Ќостаров.

Потсети на нејзината кариера - прва Македонка со универзитетска диплома од областа на театарот, откако ги завршила студиите по режија во Белград, потоа режиите во МНТ „Домот на Бернарда Алба“ (1956) и „Вејка на ветрот“ (1958), формирањето на Детската радиодрама, авторството на првиот оригинален македонски учебник за студирање глума и нејзиниот придонес во почетоците на Охридско лето, Струшки вечери на поезијата и Драмски театар-Скопје.

Амбициозна, работлива и беспрекорно образована,  и со својот олимписки дух секогаш кон повисоики цели, рече Лужина, Кондова-Зафировска одиграла 56 улоги и само во театарот режирала 33 претстави.

- Да го правеше сето тоа на некое друго место, во некоја средина со поинаква традиција и поинакви општествени и културни стандарди, безмалку е сигурно дека, барем, биста ќе и направеле. Ќе го именувале по неа некое сокаче. Ќе ја прогласеле за витез на честа, додаде Лужина.

За Димитрие Османли, режисер на 39 театарски  претстави и на играни филмови, меѓу кои и првата современа комедија „Мирно лето“, зборуваше режисерот Антонио Митриќески. Истакна дека Османли е првиот македонски дипломиран филмски и театарски режисер, кој ги завршил студиите во Белград. Тој е и прв декан на ФДУ во Скопје, иницијатор за основање на фестивалот на филмска камера во Битола, претседател на филмските работници на Македонија и потпретседател на филмските работници на поранешна Југославија.  Автор е на голем број сценарија во сите жанрови. Режирал повеќе од 90 претстави од разни автори и епохи, направил филмска репортажа за браќата Манаки...

Митриќески зборуваше за неговата работа во кинематографијата и во ТВ-филмот, а  за театарските режии посочи дека се играни на многу сцени. Неговата постановка на „Народен пратеник“ од Нушиќ има 200 изведби и се уште се игра, а „Болва в уво“  17 години е на репертоарот и има  над 400 претстави. Неговата работа е наградена со престижни домашни и меѓународни признанија.

- Творец чија појдовна точка е човекот, со високи естетски принципи, облагодарен со страста на доживувањето, строг организатор во својата работа, длабоко занесен во неа, немилосрден во барањата на максимумот од соработниците, човечен, со насмевка на нескршлив оптимизам што ги заразува другите, истакна Мириќески додавајќи дека Османли на ФДУ бил извонреден педагог кој несебично го пренесувал знаењето и искуството.

Денот на актерите им го честиташе министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која на свеченоста во ФДУ го нагласи придонесот на голем број  театарски уметници -  драматурзите Чашуле, Чинго, Стефановски, Плевнеш, Дуковски и театарските режисери Славенски, Унковски, Цветановски, Ефтимов, Пројковски и Поповски.

- Оваа институција произведе многу генерации уметници и уметнички педагози, кои ја вложија и ја вложуваат својата умешност во моделирањето и надградувањето на уметничкиот идентитет на Република Македонија. Наскоро ФДУ ќе го добие својот нов дом, кој ќе биде место во кое младите автори, актери, режисери ќе го градат сопствениот идентитет и ќе ја задоволуваат својата потреба да бидат дел од големата културна синтеза, рече Канческа-Милевска.

Беа прочитани годинашните пораки, светската и македонската, кои за овој 27 март ги напишаа актерите Џон Малкович и Мето Јовановски.

До своите колеги порака испрати и актерот Рубенс Муратовски, кој деновиве доби награда  „Актер на годината“ од „Дневник“.

- Да се биде актер значи да се има единствената привилегија да се игра на вековни сцени, какви што се Хераклеја и Стоби, каде што играле илјадници актери и со своите реплики се обидувале да го сменат светот, рече Муратовски.

Деканот на ФДУ Лазар Секуловски на актерите, кои ги нарече театарски алхемичари, им посака уште многу добиени војни зашто, како што рече, тие го имаат најмоќното оружје. хс/са/14:42