Битола, 22 октомври 2011 (МИА) - Кинематограферот со унгарско-германско потекло Фред Келеман е годинашен добитник на највисокото фестивалско признание, наградата златна „Камера 300“ на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој синоќа беше свечено затворен.

Меѓународното стручно жири ја донесе оваа одлука затоа што Келеман покажал маестрална способност со филмската камера во унгарскиот филм „Коњот од Торино“ во режија на Бела Тар.
 
Сребрената „Камера 300“ му припадна на кинематограферот Михаил Кричман од Русија за филмот „Тивки души“, додека бронзената „Камера 300“ на 32.издание на ИФФК „Браќа Манаки“ му беше доделена на Лех Мајевски од Полска, кинематографер, но и режисер на филмското ремек дело „Воденицата и крстот“.
 
Меѓународното стручно жири предводено од лауреатот Данте Спиноти додели и награда за најдобар кинематографер што снимил краток филм и тоа признание му припадна на Хорхе Креспо од Аргентина за краткиот филм „Корал“. Со одлука на организаторите, од оваа година програмата „Нови визии“ беше оценувана од посебно жири, а наградата на градот Битола, златна „Камера 300“ беше доделена за бугарскиот филм „Засолниште“ на режисерот Драгомир Шолев и кинематограферот Крум Родригез.
 
Според востановената традиција, на свеченото затворање на фестивалот беа доделени специјалните награди златна „Кемера 300“ на Бруно Далбонел од Франција, кој посочи дека по втор пат во животот присуствува на фестивал, но во Битола е затоа што тоа е фестивал на кименатограферите.

- Чудно, ние кинематограферите како секогаш да сме сами, но токму овој фестивал нуди можност се да си кажеме, да поразговараме и да размениме искуства. Кога дојдов во Битола сфатив дека браќата Манаки всушност почнале да снимаат уште пред првата светска војна, истакна Далбонел.
 
Специјална награда златна „Камера 300“ за посебни актерски остварувања во светскиот филм, на фестивалската сцена во Битола му беше доделена на српскиот актер Предраг Мики Манојловиќ што лично му ја врачи градоначалникот Владимир Талески.

- Оваа вечер за мене има посебно симболично значење. Пред многу години стоев на оваа сцена како гостин на театарот бидејќи тука ме донесе големиот Европски режисер Слободан Унковски. Тогашниот Битолски театар беше најдобар во поранешна Југославија и јас денеска можеби немаше да бидам тука, доколку во мојот живот не се појаваше човек каков што е Слободан Унковски со кого го работев проектот „Хрватски фауст“. Вечерва чувствувам како да сум на некаков почеток, а не знам зошто, истакна ѕвездата на годинешниот фестивал Мики Манојловиќ.
 
На 32.издание на ИФФК „Браќа Манаки“ од 15 до 21 октомври беа прикажани 75 филмски остварувања и се реализираа под мотото „Продолжи да гледаш“.

Директорката на фестивалот Лабина Митевска изјави дека 32. издание е досега најпосетено и со најжестока конкуренција за наградите.

- Оваа е најсилната фестивалска година, со најголема посетеност во просек од 2.700 до 3.000 лица на ден, бројка на која може да и позавидат многу други фестивали на Балканот. Годинава без скромност бевме одлични и на организациски план и јас без двоумење изјавувам дека годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ е најдоброто, рече Митевска на прес-конференцијата во пресрет на затворањето на фестивалот. мт/ев/ 9:22