За шесте планирани изведби на „Господа Глембаеви“ во „Ателје 212“ во Белград овој месец билетите се веќе распродадени, а направена е и листа на чекање за претставите во март и во април. На листата на чекање веќе се запишале повеќе од 600 луѓе  
  
  
Двајцата клучни Глембаеви – таткото Игњат и синот Леоне – не им се доверени на српски глумци, туку на еден словенечки и еден македонски, во смисла на докажување на идејата дека цената на изолација е прескапа

За претставата „Господа Глембаеви“ од Мирослав Крлежа, која во петокот премиерно се изведе на сцената на „Ателје 212“ во Белград, има голем интерес, не само од српската публика туку од сите бившојугословенски републики. Премиерата помина обвиткана со гламурозен сјај, со многу познати и звучни имиња од политичката, културната, но и естрадната јавност, главно од Србија и од Хрватска, и неколкумина гости од Македонија, меѓу кои и амбасадорот Љубиша Георгиевски.

- Ни доаѓаат голем број гости од регионот - новинари, директори на театри и на фестивал. Ова е значаен и возбудлив проект и, ако се земе предвид авторитетот на актерите што играат во претставата, уверен сум дека често ќе се игра и надвор границите на нашата земја - вели Кокан Младеновиќ, директор на театарот „Ателје 212“.

За шесте планирани изведби овој месец билетите се веќе распродадени, а направена е и листа на чекање за претставите во март. На листата на чекање веќе се запишале 400 луѓе.

Главните улоги во „Господа Глембаеви“ ги играат гости: истакнатиот словенечки актер Борис Каваца (Игњат Глембај) и нашиот актер, првенец на МНТ, Никола Ристановски, кој ја игра улогата на Леоне.
- Се обидовме да бидеме искрени и да не се правиме попаметни од Крлежа - вели Ристановски.
Режисер на „Господа Глембаеви“ е Јагош Марковиќ, а играат и Аница Добра (бароницата Кастели), Властимир Ѓуза Стојиљковиќ (Титус Андроникус Фабрици), Светозар Цветковиќ (Зилбербрант), Јелена Џокиќ (сестра Ангелика), Бранислав Трифуновиќ (Пуба Фабрици), Танасије Узуновиќ (Паул Алтман) и Младен Совиљ (Оливер).

Претставата беше најавена под слоганот „Ги познавате ли овие луѓе“, алудирајќи на актерите што играат, кои беа окарактеризирани како најдобрите бившојугословенски глумци. Премиера се смета за едно од најголемите културни случувања во Србија оваа година. Ова е прва поставка на оваа драма од Крлежа по 40 години. „Ателје 212“ токму „Глембаеви“ ја стави на централно место во оваа театарска сезона, насловена „Некст ју“, која е посветена на културниот простор на бивша Југославија.

Медиумите, главно интернет-порталите, објавија голем број текстови за тоа како поминала премиерата и кој сé бил присутен вечерта во петокот во „Ателје 212“. Рецензентските текстови допрва ќе следуваат.

 http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=26111821201&id=16&prilog=0&setIzdanie=22200