Скопје, 23 ноември (МИА) - Естонскиот филм „Клас“ во режија на Илмар Раг е прогласен за најдобар филм на Фестивалот на европски филм CinEdays 2007, кој вечерва во Младинскиот културен центар заврши со доделување на наградите. Филмот ја доби наградата Златна ѕвезда што Фестивалот првпат ја доделува годинава на своето шесто издание. „Клас“  обработува тема за насилство меѓу децата, а  двајцата главни актери  во филмот, Вало Кирс и Парт Јусберг,  денеска специјално допатуваа во Скопје за да ја примат наградата.

Сребрена ѕвезда за најдобра режија доби Нури Билге Џејлан, режисер на турско-француската копродукција „Годишни времиња“. За најдобро сценарио со Сина ѕвезда е награден Огнен Свиличиќ за босанско-хрватско-германската копродукција „Армин“, а втората Сина ѕвезда, за најдобро актерско остварување, и беше доделена на актерката Изилд ле Беско за улогата во швајцарско-францускиот филм „Истрел“ режиран од Жана Волц.

Наградата Златно сонце за најдобар филм во Регионалната програма „Балкан линк“ ја доби словенечкиот „Естрелита“ во режија на Метод Певец. Во програмата „Балкан линк“ беа доделени две специјални награди за актерско остварување - младиот актер од Македонија Марко Ковачевиќ за улогата во филмот „Естрелита“ од Словенија и актерката Арта Доброши за улога во филмот „Магично око“ од Албанија.

Одлуката за наградите ја донесе тричлено жири - Макс Азуле, претседател, и Станислав Семерџиев и Антонио Митриќески, членови. Азуле рече дека немале проблем за донесување на одлуката, а резимирајќи ги осумте фестивалски дена  истакна дека е импресиониран од амициозноста, талентот и квалитетот  на   12-те филма во натпреварувачката програма.

Азуле, кој е основач и актуелен директор на Академијата за филм ЕСРА во Париз, која  оваа година организира студии и во Скопје, рече дека во план е во јули идната година во Охрид да биде организиран Фестивал на францускиот филм во Македонија.

Со звуците на Одата на радоста, химната на Европската унија, наградите на годинашниот Фестивал на европскиот филм „Синедејс“ ги врачуваа претседателот на жирито Азуле, евроамбасадорот Ерван Фуере, амбасадорите на Франција и на Германија Бернар Валеро и Ралф Бред, градоначалникот на Скопје Трифун Костовски и директорот на Младинскиот културен центар Борис Момировски.

За затворање на Фестивалот беше прикажан филмот во француско-австриска копродукција „Ние толку многу се презиравме“, снимен за 50-годишнината од формирањето на ЕУ, а режисерот Френк Апредери и актерката Сара Бијасини беа гости на проекцијата. хс/ев/21:52