Скопје, 16 ноември (МИА) - Романскиот филм „4 месеци, 3 недели, 2 дена“ на режисерот Кристијан Мунгиу, кој годинава на Канскиот фестивал ја освои Златната палма, вечер во киното „Фросина“ ќе го отвори шестото издание на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“ (CinEdays 2007). Филмот е надвор од конкуренција и е втор дел од трилогијата посветена на животот на обичните луѓе во Романија во времето на диктаторот Чаушеску.

Под мотото „Гладни за филм, добар апетит“, Фестивалот ќе трае до 23 ноември и ќе прикаже четириесетина филмови од 22 европски земји, групирани во пет програмски целини. Од годинава „Синедејс“ има нова концепција, поамбициозна програма, а новина е што од ревијален, фестивалот станува натпреварувачки и најдобриот филм ќе добие награда Златна ѕвезда.

Во главната, натпреварувачка програма се 12 филма снимени оваа или минатата година, за кои селекторката Лабина Митевска вчера на прес-конференција рече дека се актуелни во светот и ги избрала зашто нив македонската публика нема можност да ги види. - При селекцијата се водев од тоа филмовите да се квалитетни, ексклузивни дела, додаде Митевска. Меѓу нив се германско-турската копродукција „На работ на рајот“ од Фатих Акин, романскиот „Калифорнија сонува“ на Кристијан Немеску, швајцарско-францускиот филм „Истрел“ од Жана Волц... и еден македонски - догма-филмот „Боли ли?“ на Анета Лешниковска.

За наградите ќе одлучува меѓународно жири, под претседателство на Макс Азуле, кој е и претседател на Европската академија за филм - ЕСРА, а членови на жирито се македонскиот режисер Антонио Митриќески и бугарскиот - Станислав Семерџиев - ректор на Националната академија за филм и театар (НАТФА) во Софија. На најдобриот филм ќе му биде доделена Златна ѕвезда, симболот на Европа, за најдобра режија - Сребрена ѕвезда, две сини ѕвезди - за сценарио и за најдобро актерско отстварување и Специјална ѕвезда за автор кој придонел во европската кинематографија.

Покрај официјалната натпреварувачка и програмата со филмови вон конкуренција, Фестивалот ќе има Регионална програма „Балкан линк“ со шест филма, во која ќе биде доделена наградата Златно сонце, Документарна програма со десет филма, по избор на Рада Шешиќ, и две работилници - првата посветена на филмската шминка, на која ќе гостува британскиот експерт за визулени ефекти Пол Хајет, а втората е насловена „Слики од Балканот“.

Фестивалот ќе се одржува во три простории на Младинскиот културен центар - киното „Фросина“, Џебното кино, а за проекции ќе биде адаптирана и танц-салата. Во МКЦ ќе има и придружни настани, специјални презентации, концерти и средби со гостите на фестивалот. Се очекува да дојдат триесетина гости на филмските екипи, кои ќе бидат претставувани пред проекциите, а по завршување на филмот публиката со нив ќе може да комуницира. „Синедејс“ е поддржан од Мисијата на Европската унија во Скопје, Министерството за култура и од Град Скопје. хс/са/9:09





###




© 2006 Македонска Информативна Агенција-МИА. Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се издава, емитува, препишува и повторно дистрибуира во било која форма освен со претходна дозвола од Македонската Информативна Агенција.

На фестивалот ќе се прикажат два македонски филма, а покрај „Ѕвездата“, ќе биде доделено и „Златно сонце“

harmonika2.jpg
Потреснниот романски филм „4 месеци, 3 недели и 2 дена“, кој во Кан ги освои сите симпатии, ќе го означи стартот на фестивалот посветен на европскиот филм

СУНЧИЦА УНЕВСКА

Денеска во 20 часот во арт-киното „Фросина“ во МКЦ во свечена атмосфера и со црвен килим ќе биде означен стартот на 6. Фестивал на европски филм „Синедејс“, кој ќе трае до 23 ноември. Фестивалот, кој од оваа година стартува со различна концепција и далеку попроширена програма, ќе биде отворен со годинешниот кански лауреат „4 месеци, 3 недели и 2 дена“ на Кристијан Мунгиу од Романија. Но, пред тоа на публиката ќе и' биде претставено годинешното тричлено жири, кое заедно со филмот на отворањето веќе ќе ги најави многубројните новости. Претседател на жирито е Макс Азуле, основач и директор на ЕСРА, а членови се: Станислав Самарџиев, ректор на Академијата за филм во Софија и македонскиот режисер, Антонио Митриќески.

Програмата на фестивалот е поделена на неколку програмски целини, и тоа: „Главна програма“, „Балкан линк“, „Надвор од конкуренција“, „Документарна програма“ и „Работилници“, со тоа што вкупно ќе бидат прикажани четириесетина филма од 22 европски земји. Главната програма, која се состои од 12 филма од исто толку земји, ја селектираше Лабина Митевска. Дел од неа веќе претходно откривме, овде ќе дополниме дека во оваа програма се и: бугарскиот филм „Истрага“ на Иглика Трифонова, кој пред неколку дена триумфираше на фестивалот во Котбус, потоа хрватско-босанскиот „Армин“ на Огнен Свиличиќ, кој доби бројни награди и ја освои публиката во Европа, необичната „Гаража“ на Леонард Абрахамсон од Ирска, како и шпанскиот „Летен дожд“ на Антонио Бандерас, кој во Берлин годинава ја доби наградата „Europa Cinema Label“. Во оваа програма, која е натпреварувачка, Македонија ќе ја претставува филмот „Боли ли?“ на Анета Лешниковска. Од годинешниот Кан доаѓаат и италијанскиот „Мојот брат е единственото дете“ на Даниел Лучети, германско-турскиот „На работ од рајот“ на Фатих Акин и романскиот „Калифорнија сонува“ на Кристијан Немеску, додека од минатогодишниот Кан доаѓаат и турскиот „Годишни времиња“ на Нури Билге Џејлан и унгарскиот „Свеж воздух“ на Агнеш Кочиш и Андреа Роберти.

Регионалната програма прави една интересна лепеза на актуелни теми, а меѓу нив се: српскиот „Гуча“ на Душан Милиќ, албанскиот „Магично око“ на Кујтим Чашку, словенечкиот „Естрелита“ на Метод Певец со нашиот Марко Ковачевиќ во главната улога и музичкиот „Кога музичарите шокираат“ на Дубравко Јагатиќ, кој се навраќа 30 години наназад и говори за шокантните музички настани од тоа време.

„Синедејс“ од годинава воведува и награди, и тоа европска ѕвезда како симбол на европскиот филм, но и македонското сонце, како наше обележје. Имено, главната награда е „Златната ѕвезда“ и „Сребрената ѕвезда“ за најдобар филм и за најдобра режија, а ќе бидат доделени и две „Сини ѕвезди“ за сценарио и за актерско остварување. Новина е и „Златното сонце“ кое како специјална награда на жирито ќе биде доделено на еден од филмовите во регионалната програма „Балкан линк“.

Веќе се знае дека за првпат кај нас на еден фестивал има и репрезентативна Документарна програма, која ја селектираше познатата селекторка Рада Шешиќ, а се состои од десет филма кои беа на голем број фестивали и освоија награди. Покрај овие филмови ќе биде прикажан и еден нов документарец од македонски автор, односно „Јас и мојот живот без некои работи“ на Илија Пиперкоски. Тој е студент во Романија, а овој филм направен во негова продукција ја следи потрагата на еден Ром по неговиот татко низ цела Романија. И уште да кажеме за програмата „Надвор од конкуренција“ која има девет остварувања, но интересно е дека во нејзини рамки фестивалот ќе направи и една мала ретроспектива на новиот француски филм. Станува збор за четири филма меѓу кои се „Два дена во Париз“ на Џули Делпи и „Излез“ на Оливие Асаја, во кој игра сексапилната Азија Арџенто. Во оваа програма ќе бидат прикажани и „Александра“ на Сокуров и филмот за фронтменот на „Џој дивижн“ Јан Кертис, „Контрола“ на Антон Корбин.

Се очекуваат некаде околу 35 гости меѓу кои има и новинари кои главно го покриваат регионот, како и една новинарка од француското списание „Ел“. Гости ќе има и од главната и регионална програма, а овде само ќе ги спомнеме актерките од „Калифорнија сонува“ и „На работ од рајот“ односно Марија Динулеску и Патриција Золковска, режисерката на „Истрел“, Жана Волц, босанскиот продуцент Алмир Сахиновиќ, како и словенечкиот продуцент Даниел Хочевар и режисерот Метод Певец. Работилниците ќе го донесат и Лев Крефт, како и специјалниот дизајнер за филмска шминка Пол Хајет од Британија. Тој ќе одржи 120-минутен сет во кој ќе прикаже дел од своите вештини, додека втората работилница носи наслов „Слики од Балканот“, а ќе се осврне на тоа како е прикажан Балканот во филмовите од регионот, но и пошироко.

Веб страницата на фестивалот веќе е пуштена и може да се најде на следната адреса www.cinedays.com.mk. Цената на билетите ќе се движи од 80 до 150 денари, а тие ќе можат да се набават во МКЦ, онаму каде што годинава ќе се случува целиот фестивал. МКЦ ќе поприми и малку поинаков изглед за фестивалот, а во него ќе проработат и вкупно три киносали. Планирано е да има повеќе прес-конференции, како и разговор со гостите по проекцијата на филмовите. Другите настани сега за сега нека останат тајна. А на крајот само ќе кажеме дека за затворањето на фестивалот се очекува доаѓањето на францускиот режисер Френк Апредери со филмот „Ние толку многу се презиравме“, кој е направен специјално за 50-годишнината на ЕУ. Но, она што е поинтересно за публиката е дека со овој филм треба да пристигне и младата Сара Бјазини, инаку ќерка на една од најхаризматичните актерки и дефинитивно еден од најголемите митови во Франција, Роми Шнајдер. Програмата и се' останато ќе биде достапно на веб страницата и, се разбира, нон-стоп во текот на овие седум дена во Младинскиот културен центар.

Извор: Утрински весник