„Секој нов театар е како нов храм“, вели Ристо Алексовски, режисерот на „Последната лента на Крап“,



„Сам меѓу сите, ситуација во која никој со никого не се разбира, никој со никого не се гледа, никој со никого не сака да се види“. Претставата „Последната лента на крап“ на Семјуел Бекет, во режија на Ристо Алексовски, која вечерва ќе ја доживее својата премиера во МКЦ во 20 часот се занимава со идентитетот, со желбата да се биде некој, да се биде нешто. Поради нејзината специфичност, претставата вечерва ќе може да ја видат 60-ина гледачи. Зашто за единствената улога во неа, улогата на кловнот Крап која ја толкува Златко Митрески, е потребна енормна актерска концентрација. Театарот на Бекет се занимава со живиот актер, со телото што игра на сцена.

„Последната лента на Крап“ е четврта премиера на режисерот Ристо Алексовски, но прва во Македонија. Тој досега работеше во Бугарија, каде што и ги заврши студиите по режија. Вели, идејата да го постави Бекет на сцена е преокупацијата со која тој се занимава во овој текст - прашањето: кој сум јас. „Последната лента на Крап“, всушност, се занимава со идентитетот, прашање глобално, но кое постојано не' притиска нас Македонците, особено последнава година кога спорот со Грција за името достигнува кулминација. Алексовски вели дека идејата за „Последната лента на Крап“, сепак, е негова лична преокупација исклучително долго време. Но, самиот факт на субјективен идентитет, по време на светска унификација, не е личен проблем само на Македонците. „Светот го губи својот идентитет. Тоа со кое се занимаваме во оваа пиеса ги влече корените многу подлабоко внатре во секоја човечка индивидуа. Проблемот е во коренот на согледување на светот од нашата субјективна точка. Секојдневно сме затрупани со нечии други насоки, проблеми и светогледи, што во крајна сметка самиот факт да се задржиш себеси како единка, изгледа Сизифов потфат. Перспективата на постоење е соочена со предизвикот да си го најдеме сопственото место во овој свет, кое не знае дека постоиме“, вели Алексовски. А, за нашиот личен проблем со нашиот сосед, вели, и не е некое тешко прашање за одговор. „Ние сме Македонци и нема нација или личност во целиот свет што може да ни го оспорува тоа. Националната припадност не се создава, а човек се раѓа со неа. Изгледа доста смешно допрва да откриваме нешто што веќе сме“.

Со темата идентитет постојано е преокупиран актерот и тоа е еден од потконтекстите кои се присутни во текстот на Бекет. Дали излегува тој на крајот на површината или се дави во сопственото не знам, Алексовски вели: „Има прашања во светот кои не можат да се одговорат еднострано. Понекогаш поставуваме прашања кои никогаш немаме за цел да ги одговориме или пострашното, да се соочиме со нив. Според секој човечки закон на самоспознанието, човечкиот бит не може да си направи сам себеси болка, а прашањето кој сум јас е најболното од нив. Крап открива кој е тој и се разбира, како претставник на најдоброто и најчувствителното од човечкиот вид, не му се допаѓа, така што решава дека е подобро да не знае. Според зборовите на Семјуел Бекет: Иако кога човек беше со него истовремено беше во друштво со два милениуми од европската култура, не сакаше да му се поставуваат ’големи прашања’. Не сакаше ниту да зборува за своето дело. Целиот живот практикуваше психоанализа, можеби зашто отсекогаш имаше впечаток дека во него постои некое суштество убиено пред неговото раѓање. Сакаше да го пронајде и да го оживее. За него, да го сакаш животот значеше да се залагаш за уништување - уништување на она што животот го унесреќува и расипува. Животот е однапред изгубен натпревар: шаховската табла по која се движиме станува нашиот доживотен простор и канта во која ние сме отпадокот. И за тоа нема лек“.

Како што споменавме, во претставата игра само еден актер. На прашањето, како режисерот се соочува со фактот што сета тежина, сета комплексност треба на плешки да ја носи само еден актер, кој нема комуникација, нема реален партнер на сцената, Алексовски вели: „Секоја театарска претстава независно дали во неа има еден или 20 актери е еден чин на свештено дејствување. Тежината се разбира е огромна кога еден актер нема реален партнер на сцената, но во исто време, пак, самиот актер го користи сопственото тело како контратежина на актерот при игра. По прашање на тежината на работа со еден актер, секој режисер ќе ви одговори дека не постои посвето и помагично чувство од театарската врска помеѓу актерот и режисерот во процес на работа“.

„Последната лента на Крап“, по неодамна поставената „Р“ во режија на Дејан Пројковски, е втора премиера на новоустановениот Градски театар - Скопје. За отворањето на новите театри во земјава и за тоа дали има доволен број публика за толкава, како што се најавува, театарска продукција, Алексовски вели: „Секој нов театар е како нов храм и како секој храм си ги има своите верници. Се разбира дека има публика, имајќи предвид дека секој театар во Македонија има своја, различна естетска определба. На пример, со создавањето на Градски театар при МКЦ, Скопје и Македонија добија една театарска сцена која е поразлична од веќе постоечките театари, експериментална и посмела во театарската продукција. Веќе постојните театари, исто така, имаат годишни програми со различни критериуми и приоритети, и во крајна линија со тоа најмногу добива македонскиот театарски гледач, давајќи му поголем и поразличен театарски избор“.

 

Тина Иванова- Утрински весник