„Интеракт“ за да го приближи театарот до светскиот

Во наредните четири години, седиштето на мрежата ќе биде во Младинскиот културен центар, а МОТ ќе ја има функцијата на генерален секретар


Театарски работници од земјава и светот во Скопје формираа меѓународна театарска мрежа

Македонскиот театар да се отвори кон светот, поедноставно да се договараат копродукциски претстави, претставите да ги виде публиката во што повеќе земји се дел од целите на новата театарска мрежа „Интеракт“, чие основачко собрание се одржа вчера во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје. Иницијатор на едно место да се соберат 15-мина директори на театри и фестивали од Европа и пошироко е фестивалот Млад отворен театар.

ДА СЕ ОЛЕСНИ ПАТОТ

Четириесетина претставници на театри и фестивали од целиот свет се согласија да ја прифатат поканата, иако сите не можеа да стигнат во Скопје и заеднички да ја формираат театарската мрежа „Интеракт“. Присутните потписници од САД, Чешка, Полска, Бугарија, Турција, Англија, Литванија, Косово, Франција, Црна Гора, Литванија, Италија, Албанија, Кореја, Грузија, Словенија, Романија, Хрватска и од нашата земја, вчера попладне го донесоа статутот на мрежата. Тридневната средба на директорите ќе заврши денеска. Извршниот директор на МОТ, Дејан Пројковски најави дека идејата е мрежата навистина да функционира, а не како сите досегашни во кои учествувал МКЦ или МОТ, кои постоеле речиси само на хартија.

- Во последните неколку години МОТ не се ограничува само на фестивал што ќе трае десет дена, туку активно работи во текот на целата година. Ние веќе имаме создадено наша неформална мрежа со театри што гостуваат на фестивалот, но со оваа нова театарска мрежа ќе можеме поорганизирано да ги надминуваме бариерите кога станува збор за промоција на театарските дела. Се радуваме што на нашата покана се одѕваа луѓе не само од Европа, но и пошироко. Се надевам дека на ваков начин ќе му го олесниме патот на македонскиот театар кон сцените во светот. Заедно ќе работиме копродукции, а со тоа ќе разменуваме културни традиции - рече Пројковски.

ИСТОРИСКА СРЕДБА

Вицепремиерот Ивица Боцевски истакна дека фестивали како МОТ се неопходни за добар развој на новите генерации.

- Драго ми е што преку културата Македонија може да придонесе во Европа и да ги надмине сите вештачки бариери. Културните текови претставуваат индикатори за свеста на народот што живее во една земја. Млад отворен театар е фестивал на мојата младост. Јас живеев во едно друго време, но МОТ беше многу важен фактор за мојата генерација да се развива здраво. И покрај тоа што денес живееме во демократски процеси, се' уште ни треба контракултурата за подобро да се развиваат младите генерации - рече Боцевски. Задоволството што Скопје стана место каде што се раѓа нова културна иницијатива, не го криеше и Тања Балаќ, раководител на Секторот за култура при Град Скопје.

- Основањето на мрежата зборува и за европската одлучност и препознавањето на нашите напори да и' се придружиме на Унијата. Скопје се наоѓа на вечен крстопат на цивилизациите, место каде што со векови се соединувале повеќе култури. Тоа носело културни, но и политички промени. Ваквиот начин на соработка докажува дека театарот може да биде активен во културната размена со светот - рече Балаќ. Американскиот режисер Џон Блондел истакна дека новата театарска мрежа претставува историската средба и завет кон светските театарски процеси, но и за промоција на македонската култура во светот. Во наредните четири години, канцеларијата на мрежата ќе биде во МКЦ, а фестивалот МОТ ќе ја извршува функцијата генерален секретар.

ИНФО-Поместување на границите

„Интеракт“ претставува меѓународна театарска мрежа составена од трупи и фестивали и формирана е да ги поддржи новите претстави, прогресивните театри преку разни меѓународни седишта, уметничка размена и учества на фестивали. Идејата е да се поместуваат границите, да се надминуваат разликите и да се запознаат културните разлики помеѓу народите. Иницијатор на мрежата е Млад отворен театар, а засега заинтересирани да учествуваат се 40 театри и фестивали од Европа и пошироко.

Сребра Горгијевска