Режисерот Александар Поповски, сепак, ќе го снима филмот „Балканот не е мртов“. По две години, продукцијата „Кино Око“ и Министерството за култура потпишаа анекс-договор со кој државата се обврзува да го финансира филмот со 37.510.000 денари (околу 610.000 евра), кои ќе се додадат на веќе исплатените 10.300.000 денари (околу 167.500 евра) за развој на сценарио. Двете страни се договориле „Кино Око“ да се откаже од судскиот спор против Министерството. Според анекс-договорот, продуцентот Роберт Насков треба во следните две години да најде странски копродуценти, односно да ја затвори финансиската конструкција на проектот. Поповски и Насков ја пофалија добрата волја на министерката Елизабета Канческа-Милевска да го реши проблемот. Парите ќе ги даде Министерството, а не Филмскиот фонд кој се грижи за филмската продукција во земјава, од пред две години.

- За мене ова е многу важен настан зашто со ова ја исправивме неправдата. Две години бев во состојба што на ниеден уметник не би му ја посакал. Сега ќе ги запалам повторно машините и идеите за филмот, зашто две години немав волја да ја развивам приказната. Размислував дали ќе застаре приказната, но од ден на ден се' поуверен сум дека таа добива поголема вредност. Многу е важно вакви голготи да не ни се случуваат повторно, не само на мене како уметник, туку на сите други зашто оставаме лош впечаток на сите странски фондови и продуценти. Битно е да не се влечат вакви приказни како лоши хипотеки - вели Поповски.Продуцентот Насков вели дека начелно вкупниот буџет би требало да изнесува околу 1.250.000 евра.

- Сега ќе мора да ги активираме нашите контакти со продуцентите што ги имавме пред две години. Многу е тешко да се тропа на тие врати повторно. Имам две години за да најдам странски партнери - вели Насков.Режисерот Поповски вели дека е рано да ги каже имињата за можните актери што би играле.

- Сценариото има многу убави улоги. Секако дека имам идеја кого сакам во мојот филм, само некои од актерите за кои пред три години сум мислел дека се за една улога, сега веќе не се. Сакам да работам со актерите со кои претходно сум работел во театар. Добро ја познавам и сцената на поранешните југословенски простори. Сценариото го прочита и Раде Шербеџија и многу му се допадна. Странците се интересираат за темата во филмот и самиот наслов многу ги привлекува. Македонскиот филм мора да оди во нагорна линија. Мора да се продолжи успехот што му го донесоа на македонскиот филм Милчо Манчевски и Лабина Митевска. Се планира снимањето да почне во 2011 година, а главно ќе се одвива во Битола. Сценариото го работеа Поповски, Дејан Дуковски и Словенката Ана Ласич.

Sanja Todorovska, Production Coordinator
KINO OKO production
Nobelova, 12a/6
1000 Skopje, Macedonia
tel: +389 2 3222 478
fax: +389 2 3213 643
e-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
www.kinooko.com.mk

 

 

(С.Ѓ.)