Во конкуренција за „Голем печат“ се 24 филма, меѓу кои и „Погледни го животот низ моите очи“ и „Плати и жени“ на нашите автори

Новите документарни филмови на Марија Џиџева и на Атанас Георгиев се селектирани во Регионалната натпреварувачка програма на јубилејниот 5. „Загреб докс“ - Интернационален фестивал на документарни филмови, кој се' повеќе зазема едно од најзначајните места во поглед на презентација на документарната форма во рамките на Југоисточна Европа. Овој фестивал, кој ќе се одржи од 23 февруари до 1 март, има две натпреварувачки селекции, меѓународна и регионална, кои се борат за главната награда „Голем печат“. Во регионалната селекција годинава има 24 филма од цела Југоисточна Европа, меѓу кои се и „Погледни го животот низ моите очи“ на Марија Џиџева и „Плати и жени“ на Атанас Георгиев.

Филмот на Марија Џиџева кој е целосно снимен во село Студеничани, кое се наоѓа во околината на Скопје, веќе ја имаше својата премиера на најреномираниот Фестивал на документарни филмови во светот ИДФА во Амстердам, каде што беше селектиран во програмата „Панорама“. „Погледни го животот низ моите очи“ е филм кој тргна од сосем друга тема, сакајќи да ја истражи случката со опасните таблетки каптагон, фрлени во атарот на село Студеничани, кои беа пронајдени од тамошните деца. Меѓутоа, бидејќи Студеничани, како што вели Џиџева е една сосем затворена средина и место во кое се живее зад големите порти, таа не можела многу да дознае околу овој случај, но затоа се фокусирала на приказната за ова традиционално и религиозно место, во кое има најголем наталитет во земјава. Во Студеничани живее етничко албанско население и тоа во една сосем изолирана заедница, во која Џиџева се обидува да проговори за жената и за нејзината борба за своето семејство. Како што се вели на веб-страницата на „Загреб докс“, во овој филм Џиџева го доловува животот погледнат низ нивните очи, како самите на себе да си ја раскажуваат приказната.

 

А филмот на Атанас Георгиев „Плати и жени“, кој е направен во македонско-хрватско-австриска копродукција, ќе ја има својата премиера на „Загреб докс“. „Плати и жени“ носи една интересна идеја, чија реализација се одвива низ фиктивната животна приказна на самиот автор. Георгиев во фокусот ги става младите луѓе од овој дел на светот кои заминуваат во Австрија со студентски визи, и потоа барајќи жена од Австрија, за која плаќаат одредена сума пари, се обидуваат да добијат австриско државјанство и таму да останат. Сценариото за оваа приказна го потпишуваат Георгиев и Синиша Јуричиќ , а во целата оваа авантура ќе се впушти токму Георгиев правејќи дури и фиктивна венчавка. На веб-страницата на фестивалот за овој филм се вели дека тој успева да ја долови ирационалноста на „нова Европа“, која нема физички граници, но всушност, е полна со бирократски граници и предрасуди. Филмот на Георгиев беше прикажан на маркетот на Берлиналето во организација на Хрватскиот аудиовизуелен центар, а во Загреб ќе се одржи неговата фестивалска промоција.

Оваа година на фестивалот ќе бидат прикажани над 150 филма распоредени во 6 програми и 5 ретроспективи. Како што најавуваат организаторите, на ова јубилејно издание на фестивалот ќе има многу филмови на жени автори или филмови кои се занимаваат со проблемите на жената во различните општества, како и филмови кои веќе освоиле награди на другите фестивали. Во Регионалната програма заедно со филмовите на нашите автори се селектирани и романскиот „Цветен мост“ на Томас Цулеи, филм кој зборува за тешкиот живот на семејствата во Молдавија и кој ја освои главната награда во Висбаден. Тука е и унгарскиот „Изгубен свет“ на Ѓула Немеш, кој беше награден во Карлови Вари, а кој зборува за тоа како Будимпешта го губи духот поради плановите за уривање. Албанскиот филм на Шота Букочи раскажува две љубовни приказни за Ромите на Косово, освојувајќи ја наградата на минатогодишното Виенале. Познатиот хрватски документарист Петар Креља, кој е инаку роден во Македонија, влезен е во оваа програма со филмот „Друг Дубровник“, во кој се осврнува на проблемот со една полуурната болница во Дубровник, во која во нечовечни услови живеат триесетина бездомници. Во оваа програма е и бугарскиот филм „Коридор 8“ на Борис Десподов за кој пишувавме уште од минатогодишното Берлинале. Овој филм зборува за коридорот кој требаше да ги поврзе Црното и Јадранското море и за тоа како живее населението во Бугарија, Македонија и Албанија, при што Македонија ја прикажува многу тенденциозно.

Меѓународната конкуренција на „Загреб докс“ носи триесет филма, меѓу кои исто така има многу победници на реномирани фестивали, како: „Опасни тетки“ кој доаѓа од фестивалот во „Санденс“, од амстердамската ИДФА се селектирани „Бурмански видео-репортери“ и „Робови“, во кој зборуваат децата жртви на киднапирање во Судан, потоа израелскиот „Алахови невести“ кој доби награда лани во Берлин, ча исто и потресниот филм „Сами во четири ѕида“ на Александра Вестмаер, кој зборува за малолетните затвореници во една установа во Урал, а освои награди во Локарно и во Берлин.

Во Загреб ќе се доделат пет награди, а има и пет жирија. На чело на жирито за Регионалната програма се наоѓа Кејси Купер Џонсон, американски продуцент кој живее во Косово. А покрај наградите „Голем печат“, се доделуваат и Награда на публиката, Награда за помлад автор од 30 години, која лани ја доби Петра Селишкар за „Бабички на револуцијата“ и наградата за филм кој ги третира човечките права, која по ново се вика „Movies That Matter“.

На фестивалот има уште неколку интересно конципирани програми, и тоа „Хепи докс“, „Социјал-капитализам“, потоа „Контроверзен докс“ и „Музички глобус“. Во рамките на контроверзните приказни ќе се прикаже филмот за генерал Готовина „Трагајќи по луњата“, „Писма за Ана“ кој се осврнува на убиството на Политковскаја и „Кој се плаши од Кети Акер?“, една американска феминистичка писателка. „Музичкиот глобус“ ги носи филмовите за Пети Смит „Сон на животот“ и филмот за „Роскилде“, најголемиот музички фестивал во Европа. „Загреб докс“ е битен за младите филмаџии затоа што има работилница која ги подготвува авторите и продуцентите за пичинг односно за тоа како да го спакуваат и претстават својот проект, а која ја водат истакнати ментори од Европската документаристичка мрежа.

 Сунчица Уневска -Утрински весник