--------------------------------------------------------------------------------

Скопје, 21 септември (МИА) - Италијанската претстава „Во Палермо“ во изведба на Суд Коста Окиндентале вечер во Македонскиот народен театар ќе го отвори 32-риот меѓународен фестивал Млад отворен театар, на кој до 29-ти овој месец под фестивалското мото „Алхемија на театарот“ ќе гостуваат театри од 12 земји. Ќе бидат прикажани дваесет претстави, од Португалија, Унгарија, САД, Шпанија, Италија, Македонија, Германија, Србија, Англија, Јужна Кореја, Бугарија и од Полска.

„Во Палермо“ е претстава на Ема Данте, која според критиката во моментов е најспектакуларен режисер во Италија. За овој сценски проект таа доби Златен ловоров венец на Фестивалот МЕСС во Сараево.

Претставата ја посветила на својот роден град Палермо, по долгогодишен престој надвор од него. Раскажува за едно семејство затворено во микрокосмос, кое се концентрира на намерата да го пречекори прагот од дома, но тоа не се случува. На сцената се само пет актери, една кофа со вода и слатки за јадење. По скромноста на сценографијата, театарот на Ема Данте е близок на античкиот и на Шекспир, но е тотален театар зашто во фокусот е човекот, т.е. актерот како центар на театарската игра.

Актерската екипа на претставата „Во Палермо“ на денешната прес-конференција ја посочи специфичноста на играта т.н. авторски театар, во која тие се ко-автори во креирањето на  претставата. Поради тоа,  во изминатите шест години во претставата се внесува импровизација и различна и неповторлива игра, но однатре таа има ригидна структура, изрежиран код, од кој актерите не отстапуваат.

Утре на прграмата на МОТ се три претстави - португалската „Заспаниот Буда“, „Мармалад“ на бугарскиот театар „Улица“ и „Комшилук наопаку“ на Драмски театар, која по премиерната изведба на Охридско лето, првпат ќе ја види и скопската публика.

Според селекторката на програмата за годинашното фестивалско издание, режисерката од Бугарија Лила Абаџиева,  МОТ е важен театарски проект за привлекување странски творци, за отворање нови перспективи и за мотивирање на младите генерации.

Ден на Македонскиот отворен театар е 26 септември, посветен на театарскиот доајен Петре Прличко, кога ќе бидат изведени седум претстави во продукција на македонски театри, како и дебата „Македонија и театарскиот идентитет“ и концерт на групата „Фолтин“.

Фестивалот годинава ќе организира трибини и театарски работилници со наслов „Едукативен театар“, кои ќе ги водат странски театролози, професори и режисери. Новина е што МОТ  од ревијален прераснува во натпреварувачки, на кој ќе биде наградена најдобрата претстава, по избор на критиката, театролозите и новинарите-соработници на МОТ.

Затворањето на фестивалот се совпаѓа со манифестацијата „Бела ноќ“, која трета година по ред ја организира Град Скопје. На последниот фестивалски ден ќе гостува словачката трупа „Анта Агни“ со перформансот „Аргола - каде што огнот и ветрот танцуваат заедно“. Спектаклот ќе прикаже акробации, танц, жонглирање со факли и коцки. Премиерно е прикажан лани на најголемиот летен фестивал во Словачка „Бажант похода“, а оттогаш гостувал во повеќе европски метрополи. хс/са/12:44