Филмот „Тајна“, на режисерот Клод Милер, беше прогласен за најдобар на првиот Фестивал на француски филм, кој завчера заврши во Охрид. Со одлука на меѓународно жири, филмот на Милер, кој е работен според роман на Филип Грембер, беше прогласен за најдобар во конкуренција со седум долги и два кратки филма. Награда за најдобра режија му е доделена на Емилио Сири за филмот „Близок непријател“. За филмот „Насмевката на мама“, на Карин Тардје и на Мишел Леклер им беше доделена награда за најдобро сценарио. Награда „Златна маска“ за најдобри актерски остварувања им беа доделеани на актерката Сандрин Бонер за улога во филмот „Добро срце“, на режисерот Марион Лен, и на актерот Амлбер Дипонтел за улога во филмот „Близок непријател“. Беше доделена и „Златна маска“ за животно дело, а ја доби легендарниот француски режисер Клод Лелуш, кој присуствуваше и на завршната церемонија на фестивалот. Наградата на Лелуш му ја врачи претседателот на Собранието Трајко Велјановски. Фестивалот беше затворен со проекција на „Џебен роман“, нов филм од Лелуш.


„Златна маска“ за најдобар филм доби „Тајна“ на Клод Милер

Легендарниот Клод Лелуш ја прими почесната награда и вети дека Охридско Езеро ќе биде дел од еден негов филм

Гран-прито на првиот Фестивал на француски филм, кој се одржа во Охрид од 1 до 5 јули, беше прогласен филмот „Тајна“ на познатиот и наградуван автор Клод Милер. „Златната маска“ која му припадна на овој филм ја врачи францускиот амбасадор Бернар Валеро, а неа во името на Клод Милер ја прими уметничкиот директор на фестивалот Ив Алион. Додека почесната „Златна маска“ за животно дело на првото издание на фестивалот му беше врачена на една од легендите на францускиот филм, Клод Лелуш, кој дојде во Охрид и вети дека ова величествено езеро мора да влезе во еден од неговите филмови.

 

Фестивалот на француски филм се затвори прексиноќа во амфитеатарот во Охрид во присуство на неколку големи имиња на францускиот филм, каде што на Лелуш му се придружи и еден од најангажираните француски автори Ив Боасе, потоа на бројни филмаџии од оваа земја кои дојдоа со своите филмови селектирани во главната програма на фестивалот, но и на гости од поширокиот регион. Амфитеатарот беше речиси исполнет, а тука беа и државниот секретар во Министерството за култура, Елизабета Канческа - Милевска и претседателот на Собранието, Трајко Велјановски, кој му ја врачи почесната награда на Клод Лелуш. Интересно е дека од Црна Гора специјално за фестивалот пристигна министерот за култура Бранислав Мичуновиќ - Жага, но не и нашиот министер за култура Арификмет Џемаили.

 

Инаку, на фестивалот беа вкупно доделени пет награди, покрај онаа за најдобар филм и за режија и за сценарио, како и за главна машка и женска улога. Жирито кое го предводеше режисерот Антонио Митриќески, а чии членови беа: Дејан Илиев, директорот на Филмскиот фонд и двете филмски критичарки, Павлина Желева од Бугарија и Сунчица Уневска од „Утрински весник“, наградите за режија и за главна машка улога му ги додели на воениот филм „Близок непријател“ на Флоран Емилио Сири за „особеноста во пристапот и за оригиналноста во употребата на ефектите со кои авторот постигнува исклучителна реалистичност и успева да продре длабоко во психата на војниците“. Наградата за главна улога му припадна на Албер Дипонтел. А во Охрид беше Орелиен Рекоен, кој е исто така еден од главните актери во овој филм, и кој ги прими овие две награди. Тој рече дека за војната во Алжир Французите знаат многу малку и дека тие во овој филм се обидувале да бидат крајно објективни, иако филмот е примен многу различно во Франција.

„Златната маска“ за најдобро сценарио му припадна на филмот „Насмевката на мама“ на режисерката Карин Тирдје. Таа беше во Охрид и беше одушевена, особено што овој луциден филм за созревањето на една тинејџерка, кој има многу добро водена и компактна идеја, е нејзино долгометражно деби. Наградата за сценарио Тирдје ја дели со Мишел Леклер. И наградата за главна женска улога и припадна на познатата актерка Сандрин Бонер за улогата во мелодрамата „Добро срце“ на Марион Лен, исто така присутна на фестивалот. Интересно е дека иако станува збор за нешто веќе видено и не многу инвентивно, сепак, улогата на Бонер, која го носи целиот филм, е толку силна и впечатлива што сосем заслужено ја понесе наградата.

На крајот како круна на фестивалот му беше врачена почесната награда на Клод Лелуш, кој примајќи ја рече дека колку повеќе филмски слики ќе има, толку животот ќе биде поубав. „Всушност, цел живот се занимавав со една тема, а тоа е зошто е невозможен животот во двојка“ рече Лелуш, кој објаснуваше дека тој секогаш снимал љубовни филмови затоа што во љубовта ирационалноста е најприсутна. А неговите филмови, како што рече самиот, секогаш биле меѓу реалното и ирационалното.

„Најголемите уметници се ирационални. Јас верувам во ирационалното, бидејќи тоа ја дава слободата“, зборуваше Лелуш на претходно одржаната и многу посетена прес-конференција. „Го сакам животот целосно. Секој ден станувам во пет часот наутро плашејќи се да не пропуштам некоја секвенца од животот“, говореше тој за својата страст кон животот и кон работата и покрај неговите седумдесет години. Лелуш има снимено 41 филм, од чии секвенци на затворањето на охридскиот фестивал беше направен многу интересен колаж. „Тоа што секогаш ме водеше беше љубопитноста. Јас сум човек кого се го интересира и се чувствувам како да живеам во една голема имагинарна куќа, во која ги набљудувам луѓето, ги сонувам нивните соништа и следам се што во неа се случува“, објаснуваше Лелуш додавајќи дека и денес пишува секојдневно за се што го интересира, дека тоа е неговиот живот.

Охридскиот фестивал помина во одлична атмосфера, донесе многу значајни гости, кои беа одушевени од Охрид и од атмосферата на фестивалот и што е најважно, имаше публика. А тоа е доволно за старт на еден фестивал и за надеж дека има услови да расте и да се развива. (С.У.)-Утрински весник