ПОСЕТА НА ФХ3Х


Големи очекувања од новиот филм на режисерот Столе Попов

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска ја посети компанијата за анимација и визуелни ефекти за филм ФХ3Х, каде што во изминатиов период се работеше постпродукцијата на македонскиот игран филм „До балчак" на режисерот Столе Попов.

За време на посетата присуствуваа и режисерот Столе Попов и директорот на Агенцијата за филм, Дарко Башевски. Домаќините од ФХ3Х на своите гости и на новинарските екипи им овозможија прошетка низ своите работни простории, а беше прикажан и неколкуминутен трејлер од филмот „До балчак“.

„Убедена сум дека филмот ќе има огромен успех на светските фестивали. Македонската премиера се очекува да биде во септември, додека на 20 мај филмот ќе биде прикажан на маркетот во филмскиот фестивал во Кан. На Канскиот фестивал Република Македонија веќе пет години има свој штанд заедно со седум држави од Југоисточна Европа, каде што се пласира македонската филмска продукција“, најави министерката Елизабета Канческа-Милевска.

Министерката изрази благодарност до Столе Попов за неговата досегашна работа во македонската филмска продукција и до целокупната екипа што учествуваше во реализацијата на неговиот нов филм „До балчак“.

„Мислам дека поминаа 25 години откако со Горан Стефановски ја почнавме одисејата околу пишувањето на сценариото, па имаше 2-3 неуспешни обиди да го направиме филмот, но немаше слух кај ниедна од претходните влади и секогаш проектот пропаѓаше во последниот момент. Актуелната влада и министерството за култура го поддржаа филмот и сега можам да го кажам своето интимно чувство дека апсолутно сум задоволен од филмот и дека е на ниво на моите претходни филмови. Филмот дефинитивно е завршен, а ја очекуваме македонската премиера во септември. Претходно ќе се обидеме да го пласираме на некој од големите светски фестивали, како Карлови Вари, Москва, Монтреал, Сан Себастијан, Локарно, Венеција, Торонто и на почетокот на следната година во Берлин“, изјави режисерот Столе Попов.



Насловот на филмот ќе остане „До балчак“ со поднаслов „Македонска приказна“, а режисерот се надева дека филмот ќе биде примен во главната програма на светските фестивали каде ќе учествува.

„Овој филм ќе покаже еден поинаков капацитет на македонската кинематографија, бидејќи со својот обем и продукциски зафат е навистина голем и личи на амбициозните филмови со кои би се пофалиле и многу поголемите европски кинематографии, а продукциски личи дури и на американски филм. Тоа е добра шанса за Македонија и еден вид портфолио за претставување пред европските продуценти дека може да сметаат на сериозна продукциска поддршка за работа на свои филмски проекти во Македонија“, потенцираше Попов.

На филмскиот маркет во Кан Република Македонија ќе ја претставуваат филмовите „До балчак“ на Столе Попов“ и „Деца на сонцето“ на Антонио Митриќески. Двата филма ќе бидат прикажани во ист ден, на 20 мај, соопшти Дарко Башески, директор на Агенцијата за филм на РМ.

„Веќе сме во контакт со позначајните агенти за продажба, а на проекциите ќе бидат поканети претставници на поголемите филмски фестивали. Очекуваме филмот на Столе Попов да даде голем резултат. Филмот зрачи со моќ, со сила и со потенцијал за големи фестивали. Оваа шанса не смееме да ја пропуштиме, бидејќи ваков филм во Македонија одамна не е виден“, потенцираше Башески.

Филмот „До балчак“ тематски и продукциски на комплексен, но пред сѐ човечки, начин ги одразува македонскиот менталитет, психологија, историја, специфичностите, но и македонската кауза и исконската желба и потреба за слобода, независност, самостојност. Сето тоа го кажува на непатетичен начин и преминува во непатетичен реквием, бидејќи сепак, станува збор за трагичен филм, објасни Столе Попов.



„Филмот на Столе Попов беше голем предизвик за нас, бидејќи не е вообичаен за македонските продукции. Голем е и во креативниот и во техничкиот дел на реализацијата на филмот. Во последниве години ФХ3Х помогна или работеше на реализацијата на речиси сите македонски филмови и се надеваме дека соработката ќе продолжи понатаму, бидејќи на тој начин го даваме нашиот придонес во подигнувањето на продукциското и постпродукциското ниво на филмовите. Македонската кинематографија бележи пораст што е видлив не само во квантитетот, туку и во квалитетот на филмските продукти и се надеваме дека темпото на прогрес ќе се одржи и понатаму, имајќи ги предвид новите услови и зголемените буџети што се донесени со Агенцијата за филм“, изјави Миливоје Ѓорѓевиќ, коосновач на ФХ3Х.



Постпродукцијата на филмот „До балчак“ во ФХ3Х се работела десетина месеци, почнувајќи од монтажата на филмот и на звукот, визуелните ефекти, колоркорекциите, премиксот на звукот, додека единствената работа што била направена во студиото „Барандов“, поради непостоење технички услови кај нас, е финалниот микс, што значи дека од материјалите од камера до финален продукт филмот е завршен во ФХ3Х.

Компанијата за анимација и визуелни ефекти за филм ФХ3Х постои од 1997 година, има околу 150 вработени и досега работела на визуелните ефекти за повеќе од 35 играни филмови и повеќе тв-серии. Меѓу холивудските блокбастери на кои работеле во ФХ3Х се филмовите „Авијатичарот“, „Животот на Пи“, „Ранго“, „Капетан Америка“, „Робокап“, „Ајрон мен 3“ и други.



Т.Д.

Извор: http://www.mkd.mk/kultura/golemi-ochekuvanja-od-noviot-film-na-stole-popov