МАКЕДОНСКА ФИЛМСКА МАТЕМАТИКА


116 награди за наши филмови!


Во последните пет години филмовите поддржани од Филмскиот фонд имале вкупно 634 учества на фестивали и освоиле 116 награди


Филмскиот фонд на Македонија до сега поддржал 156 филма од кои до крајот на 2013 година се завршени 75. Во последните пет години македонските филмови и малцинските копродукции имале вкупно 634 учества на фестивали и освоиле 116 награди! Само долгометражните филмови имале 280 учества на фестивали, и освоиле 55 награди. По ваквите бројки, го контактиравме Дарко Башески од Агенцијата за филм на Македонија.

"Колку за споредба, од независноста од 1991 година до 2008 се снимиле помалку филмови - 52. Сега има уште педесетина што се во разни фази на продукција, и 26 нови, одобрени на почетокот на 2014 година. Успехот на Филмски фонд во изминативе пет години не е базиран само на зголеменото филмско производство, туку, пред се, на квалитетот на филмовите кој е валоризиран со 634 учества на фестивали и освоени 116 награди", вели Башески.

"Покрај овие активности, станавме видливи и препознатливи како Филмски фонд и како кинематографија во Европа, по она што го работиме и по прогресот кој го направивме во филмската дејност. Токму затоа минатата година кога Сајмон Пери ја покрена иницијативата "Best practice exchange" во која влегоа 20 најактивни и најпрогресивни филмски фондови и агенции од светот, 10 од ЕУ и 10 надвор од ЕУ, се најде и Македонија, меѓу фондовите од Канада, Мексико, Нов Зеланд, Австралија, Индија...", додава Башески, објаснуваќи дека во изминатите пет години буџетот за филм неколкукратно се зголеми, дека се набавени дваесетина кино проектори за кино салите низ Македонија.

"Во наредниот период ќе се продолжи со доопремување и ширење на кино мрежата уште во десетина градови низ Македонија", ни открива Башески.
Него го прашавме и кои се идните планови за Агенцијата за филм.
"Благодарение на разбирањето и поддршката на Владата на РМ и Министерството за култура не само што се зголеми буџетот за филмската дејност, туку и се изготви Законот за филмска дејност со кој се направи огромен напредок на кој ни завидуваат филмаџиите од поголемиот дел на Европа. Со новиот закон за филмска дејност се предвидува отпочнување со работа на Агенција за филм, како институција која ќе има пошироки ингеренции од областа на филмската дејност кои досега воопшто не беа регулирани со закон. Од оваа година дистрибутерите ќе ги регистрираат филмовите за кино прикажување, ќе се врши рангирање по возрасни групи на филмовите, и ќе се испорачуваат статистички податоци за кино прикажувањето и продажба на влезниците. Оваа статистика Агенцијата ќе ја испорачува до Европската аудиовизуелна опсерваторија каде Македонија е членка повеќе од 10 години", вели Башески. Според него, еден од најважните елементи во новиот закон се продукциските олеснувања кои имаат за цел да привлечат странски филмски продукции да ги снимаат нивните филмови во Македонија. (Де.Т.)

Во Берлин и Индија, Македонија промовирана како дестинација за снимање филмови
"Филмскиот фонд и во минатото ја промовираше Македонија како дестинација за снимање на филмови, но токму со новото законско решение за продукциски олеснувања, Македонија станува привлечна филмска дестинација. Од почетокот на годинава почнавме поактивно да ја промовираме Македонија како филмска дестинација на Европскиот филмски маркет во Берлин, и на маркетот за филмски локации во Индија", вели Башески.
А на прашањето зошто токму Индија, тој одговара:
"Индија ја има најголемата филмска индустрија во светот, и произведуваат над 1500 филмови годишно, од кои секоја година меѓу 15 до 20 проценти, барем делумно, се снимаат во друга земја. На пример, во Швајцарија досега се снимиле над 200 индиски филмови. Во склоп на овој маркет за локации имавме презентација во три градови пред трите најголеми филмски индустрии од Индија", вели Башески, додавајќи дека веќе комуницираат со десетина странски заинтересирани продукции кои би дошле во Македонија да ги видат локациите за снимање.

Џифони повторно со 70.000 евра во Македонија!?
Башески за ВЕЧЕР открива и дека светскиот фестивал "Џифони" очекува дека повторно ќе вложи и финансиски средства во "Џифони Македонија".
"Минатата година се фокусиравме и на помладата публика, и го организиравме фестивалот "Џифони Македонија", заедно со најголемиот светски фестивал за деца "Џифони" од Италија. Тие минатата година инвестираа преку 70.000 евра од својот буџет за развој на Џифони Македонијаа како регионален фестивал за најмладата публика. Сега сме во преговори со истата сума да влезат и оваа година", вели Башески. 

Ve;er