„Погрешно место, погрешно време“ најдобар филм на МакеДокс



Во главната селекција беше прогласен документарниот филм на режисерот Џон Апел, кој ја отвара темата за трагедијата во Утоја

За најдобар филм во главната селекција на фестивалот МакеДокс синоќа беше прогласен документарниот филм „Погрешно место, погрешно време“ на режисерот Џон Апел.

Го одбравме заради префинетиот и остроумен драмски пристап кон една прилично актуелна тема, пристап кој го почитува достоинството и убавината на самите ликови. Трагедијата во Утоја ни ги отвора очите за да го видиме злото и во нашите општества. Режисерот и дозволува на публиката да го сподели сочувството што тој го има за протагонистите, со овие зборови членовите на жирито ја образложија својата одлука и ја врачија статуетката „Кромид“.

Во селекцијата за најдобар филм на нов автор, наградата „Млад кромид“ му припадна на филмот „Зимски номади“, на авторот Мануел вон Стурлер. Наградата „Кокарче“ за најдобар филм за деца и млади, беше доделена на филмот „Мал свет“, на шпанскиот режисер Марсел Барена.

И оваа година беше доделена наградата во категоријата филм со најдобри етички идеи. Победник во оваа категорија е филмот „Погрешно место, Погрешно време“ и уште една награда за режисерот Џон Апел.

Извор: Утрински весник