05.06.2013, 17:08
„Шумарот“ најдобар краток филм на „Астерфест“



Награди на 9. Струмички фестивал добија и македонските автори Елизабета Конеска и Жарко Иванов

Сунчица Уневска

Наградата за најдобар краток игран филм на штотуку завршеното 9. издание на „Астерфест“ му припадна на македонскиот филм „Шумарот“ на Изер Алиу, кој е направен во соработка со Универзитетот во Лилехамер во Норвешка, каде што авторот студира, но целосно е снимен во Македонија. Оваа неверојатна приказна за таткото и двата сина, приказна за љубовта, за зрелоста, за одговорноста и за исполнувањето на очекувањата, ги освои срцата на сите. Сосем со право и, дефинитивно, заслужено. Бидејќи, „Шумарот“, како што истакна жирито, е филм кој разговара директно со срцето и тоа е така неверојатно изведено филмско деби, кое на авторот му предвидува светла иднина. Во Струмица беа продуцентката од македонска страна Елена Станишева и актерот од Тетово Бурхам Амити, кој во филмот го игра таткото, а на кои им беше врачена оваа награда, која од публиката беше поздравена со одушевување.

Годинава во Струмица беа претставени голем број македонски автори, како во натпреварувачкиот, така и во ревијалниот дел, а така беше и со наградите. Авторката Елизабета Конеска ја освои наградата „Ацо Алексов“, која се доделува на македонски автор, за нејзиниот документарен филм „Нашите во Стамбол“. Жирито во состав: Томислав Алексов, Јулија Канчева и Лефтерис Филактос, во своето образложение за наградата напиша дека ова остварување претставува едно камче од мултикултурниот мозаик во Истанбул, каде што три генерации Македонци ги споделуваат своите искуства за нивното стогодишно присуство во овој град. А Специјално признание доби и македонскиот анимиран филм „Кружно патување на сенката“ на Жарко Иванов, за кое сценариото го напиша Александар Прокопиев. „Да одиш во обиколка секогаш значи да се вратиш во иднината - единствено искуство кое може да се почувствува само со уметноста на анимацијата и на филмот“, истакна жирито.

Информацијата за прексиноќешното затворање на 9. „Астерфест“, кое во прекрасна атмосфера се одржа во Домота на АРМ во Струмица, ја започнавме надвор од шемата, давајќи им предност на македонските автори и дела. Инаку, „Златната потковица“ на годинешниот фестивал му припадна на германскиот документарен филм „Утре ќе живееме пак“ на Корина Гизен, каде што самиот филмаџија станува протагонист во делото, кое жирито го оцени како храбро признание за менталните болести, алкохолизмот и фактите на животот. „Сребрената потковица“ ја доби документарецот „Ќе те однесам на море“ на Манца Филак од Словенија, трогателна приказна за една млада двојка со пречки во развојот. Додека, „Бронзената потковица“ ја доби полскиот документарен филм „Кралството“ на Бартош Крухлик, а Специјалното признание му припадна на српскиот „Сомнежи и тајни“ на Желимир Гвардиол, за една интересна вистинска приказна која се движи по кревката граница меѓу вистината и лагата.

Во програмата на кратки играни филмови, покрај „Шумарот“, награда доби и белгискиот филм „Умирање на сенката“ на Том ван Авермает, кој годинава беше номиниран за „Оскар“. Ван Авермает, кој беше присутен, ја доби наградата „Старозлатен проектор“ за неговото исклучително визуелно дело за сенките на љубомората, љубовта и жртвата. А наградата за најдобро сценарио „Ѓорѓи Абаџиев“, исто така, сосем заслужено ја освои филмот „Се' тоа“ на Бранислав Милатовиќ од Црна Гора, кој на многу точен и трогателен начин зборува за соочувањето на детето со смртта и за обидот на неговиот татко да му помогне во тоа. Специјалното признание во оваа програма отиде кај деветминутниот филм направен по една сцена на Шекспир „Кралот Џон, чин IV, сцена I“ на Џони Харн и Џон Ласт, кој ја прими наградата.

Во програмата „Мувиленд“, во рамките на која годинава видовме избор од словачките кратки филмови, наградата му припадна на „Упатство за употреба“ на Алица Гуринова. За оваа награда одлучуваше жирито во состав: Влатко Галевски, Ице Виранов и Даријан Пејовски, кои ја истакнаа бескомпромисноста на авторката во соочувањето со животните апсурди и суети.

Оваа година ќе се памети по големото присуство на авторите на филмовите, кои дојдоа од Англија, Белгија, Франција, Црна Гора, Србија, од Словенија и Германија од каде беа годинашните лауреати на наградата „Астер“ и голем број автори од Македонија. А како круна на се' беше и неверојатно убавата изведба на затворањето на фестивалот на композицијата „Молитва“ на Франсоа Вијон, која на руски е препеана од познатиот поет и кантавтор Булат Окуџава, а која со своја верзија ја изведоа матурантката Марија Атанасова од Струмица и Георги Трајков, кој учи во средното училиште во Скопје „Илија Николовски-Луј“.


Извор: Утрински весник