Македонската публика ќе има можност да го погледне „Епизодист“ на претстојниот Меѓународен фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, во ревијалната селекција

      

Јана и Силвија Стојановски со режисерот Игор Алексов

ПРЕСТИЖНО ПРИЗНАНИЕ ЗА КРАТКОМЕТРАЖНИОТ „ЕПИЗОДИСТ“ 

Краткиот филм „Епизодист“, во режија на Игор Алексов, во продукција на „Квазар филм“-Скопје, кој беше во официјалната селекција на престижниот филмски фестивал за краткометражни филмови „Холи шортс“ во Лос Анџелес, ја доби наградата за најдобар интернационален краток филм од селекција на 24 интернационални филма. На фестивалот беа присутни двајца претставници од продукцијата и режисерот Алексов, кој ја прими наградата во Холивуд.

На фестивалот годинава се прикажаа повеќе од 300 кратки филма. Филмот учествуваше на „Скопски филмски фестивал“ и на „Астерфест“, а ќе се претстави и на неколку филмски фестивали во Калифорнија. Филмот ќе се натпреварува во официјалната селекција на Филмскиот фестивал во Тузла и на филмскиот фестивал „Диван“ во Романија.

Македонската публика ќе има можност да го погледне „Епизодист“ на претстојниот меѓународен фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, во ревијалната селекција.

„Епизодист“ е горчлива приказна за две различни времиња, два политички различни система, две различни судбини на еден ист лик околу кој злото, лицемерството и суровоста на моќта остануваат исти. Злоупотребата на силата и моќта за да се добие посакуваното без разлика дали ќе биде уништен еден човечки живот, неговите соништа и идеали, е основната линија во приказната на овој краток филм, кој веќе беше награден на „Скопскиот филмски фестивал“ за најдобро краткометражно остварување.

Сценариото е на Александар Русјаков, директор на фотографија е Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Зафировски. Музиката ја напиша Доријан Јовановиќ. Продуцент е Блаже Дулев од „Квазар филм“, а во филмот играат: Силвија Стојановска, Јана Стојановска, Предраг Павловски, Игор Ангелов, Славица Јовановска, Кирил Ристески и Благица Трпковска. -

 

 http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=82412934462&id=16&prilog=0&setIzdanie=22663