33. издание на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ ќе се отвори со „Трето полувреме“, а ќе се затвори со „Балканот не е мртов“


Битола - Италијанскиот директор на фотографија Лучано Товоли е годинешниот добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“ на 33. издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Годинава фестивалот ќе се одржи од 15 до 21 септември.

Товоли во Битола ќе помине четири фестивалски дена, а наградата ќе му биде врачена на затворањето на фестивалот. Годинешниот лауреат е соработник на најголемите автори на денешницата.

„Товоли влегува во клубот на великаните на фестивалот ’Браќа Манаки‘ придружувајќи им се на неговите сонародници: Тонино Дели Коли, Виторио Стораро и Данте Спиноти. Има работено со култниот Микеланџело Антониони, со Нани Морети како и со актерите Џек Николсон, Жерар Депардие, Софи Марсо“, рече Лабина Митевска, директор на ИФФ „Браќа Манаки“ на прес-конференцијата во Битола.

Првпат годинава фестивалот ќе биде отворен и затворен со македонски филмови. За свеченото отворање е предвидена премиерата на „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, додека затворањето ќе го одбележи, исто така, премиерното прикажување на „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски. И во двата филма има делови кои се снимени на локации во Битола.

„Ексклузивно, не во Скопје, туку во Битола на „Браќа Манаки“ ќе бидат прикажани двата македонски филма. Фестивалот си го добива заслуженото место меѓу филмските работници во Македонија. Со ова ја стимулираме и домашната продукција. Пред две години имав конфликт кога го побарав филмот ’Мајки‘ на Манчевски ексклузивно да биде прикажан на Манаки. Тогаш беа во шок, како јас барам ексклузивитет пред Скопје. Но, реков, ако не го давате нема да го прикажеме“, изјави Митевска, најавувајќи дека оваа година македонските филмовите ќе имаат по две проекции, со цел да се задоволи публиката во Битола.

Инаку, годинава во фокусот на „Манаки“ ќе биде шведскиот филм. Во соработка со амбасадата на Шведска во Македонија, во Битола ќе бидат прикажани четири филма, меѓу кои и „Плеј“ кој беше прикажан на Канскиот фестивал. Филмската програма за фестивалот се затвора за две недели, но Митевска вели дека и годинава во официјална конкуренција ќе бидат 10 до 12 филмови. А меѓу нив ќе бидат и двата македонски филма.

Оваа година фестивалот ќе се послужи со дигиталната опрема од Сараевскиот филмски фестивал. Директорката на фестивалот, Митевска, на речиси два месеца пред почетокот на „Манаки“ го отвори и проблемот со немање соодветена технологија за прикажување на фимовите во Битола. Таа побара помош од државата и од општината за набавка на дигитална опрема за прикажување на филмовите, бидејќи најголем дел од новите филмови се снимени на ДСП технологија.

Извор: Утрински весник