Европски Универзитет додели стипендии за деца без родители


Доколку остварат висок просек, овие идни студенти на Европскиот Универзитет ќе добијат стипендии и за постдипломски студии, вели Бојо Андрески, претседател на ЕУРМ


Европскиот Универзитет ја прифати иницијативата на меѓуопштинскиот центар за социјални работи и ги додели првите две целосни стипендии за децата без родители сместени во семејства. Мамут Тепик и Андријела Арсовска, од следната учебна година ќе бидат студенти на Европскиот Универзитет. Тие биле избрани од комисијата при меѓуопштинскиот центар која го анализирала нивниот успех од средното образование, кој всушност е и главниот критерим за добивање на стипендиите. Претседателот на ЕУРМ, Бојо Андрески вели дека за најдобрите двајца ЕУРМ секоја година ќе доделува по две стипендии.

Мамут и Андријела беа прилично возбудени.
-Не знам што да речам. Освен благодарам и обврска да ја оправдам довербата. Еден ден сигурно ќе станам успешен човек. Тоа го верувам, рече Тепик, откако ја прими тригодишната целосна стипендија од ЕУРМ. Неговата идна колешка Арсовска, исто така, заблагодарувајќи се вети дека ќе ги оправда очекувањата.

Центарот за социјални грижи е благодарен што на овој начин им се овозможува на оваа категорија граѓани пристап до образованието. Аленка Бинички Арсеновски, вели дека тие како центар постојано го следат образовниот и социјалниот развој на децата и очекува дека и државните универзитети ќе го следат примерот на Првиот приватен универзитет, ЕУРМ.

Политичарите, пак, кои имаа можност да се дружат со децата без родители, очекуваат дека и државата ќе покрене поширока иницијатива за подобрување на положбата на овие деца.
-По правило институциите се оние кои треба да водат, но кај нас се уште водат поединци, но добро е кога некој води. Македонија е мала земја, но со добрина и љубов можеме да ја направиме голема и широка, вели Лилјана Поповска, претседател и пратеник на ДОМ.

А Европскиот Универзитет најавува стипендии и за постдипломски студии за овие двајца идни студенти доколку остварат висок просек.
- Сигурен сум дека во овие деца има капацитет и потенцијал. Треба само малку да им се помогне за да успеат во животот. За висок и одличен просек ЕУРМ ќе им понуди и стипендии за постдипломски студии, вели Бојо Андрески, претседател на ЕУРМ.

(М.Н.)