stavre.jpg


Ваше блаженство
гг Стефан Архиепископ Охридски и Македонски на Македонската Православна Црква
Почитувани владици на Синодот на нашата црква
Сакан наш владика Кирил на Полошко-Кумановската епархија
Почитувано наше македонско свештенство
Почитувани мирјани и гости присутни на овој прекрасен чин на промовирање на книгата посветена на нашиот митрополит
г-дин Кирил од познатиот наш публицист и новинар Славе Николовски Катин.
Се наоѓаме собрани во Соборниот храм Свети Климент Охридски денеска- 14-петок, месец снежник, 2007-мо Господово лето по повод животот и делата на Владиката Кирил забележани како што ќе запише на страниците авторот Катин, со следните зборови : ,,Во хронописот на величието, во долгата и богата сага на временските, духовните и мисионерските мозаици на Македонската Православна Црква,  силно е врежано и како голем печат е втиснато во просторот и децениите, името на надлежниот архиереј на Полошко-Кумановската епархија, Неговот високопреосвештенство, митрополитот Кирил. 

Авторот Славе Николовски-Катин на страниците на ракописот што се презентира пред македонската и пошироката јавност портретира личност која за Македонската православна црква и историјата на македонскиот народ претставува духовен стожер и истовремено светилник на верата, надежта и напредокот на сите Македонци.

Животот и делото на владиката Кирил во нашата света библиска татковина Македонија најпрвин е презентиран на страниците на книгата што е логично и со Божја промисла од денот на раѓањето и сите поважни досегашни мисии што ги остварил на македонско тло, како и меѓу нашето иселеништво.

Мошне важен е и фактот што авторот Славе Николовски-Катин  со пишан збор и нарација и поткрепено со прекрасни документирани илустрации,со нескриена љубов во книгата ни дава хронологија за многуте средби со значајни црковни личности дома и на меѓународно ниво, средби со нашите македонци во татковината и надвор од родните огништа во странство,за неговата градителска и возобновувачка моќ на нашите цркви и манастири во Македонија и ширум  светот каде што живеат Македонците.

Свештеничката повеќедецениска непрекината духовна вертикала на Никола Поповски кој потекнува од православно македонско семејство, од Царев Двор ќе започне од неговото замонашување на 7 април 1964 година, на ден Благовештание, во манастирот ,,Раѓање на Пресвета Богородица,, кај Кичево, каде што со неизмерна радост ќе го прими името на македонскиот рамноапостол свети Кирил Солунски, од неговото блаженство, архиепископот г.г. Доситеј да биде ракоположен во чин ероѓакон, за да набрзо по кусо време биде унапреден во архиѓакон. Ваквите духовни скалила на нашиот владика Кирил во монографскиот труд ќе бидат до детали опишани до денешни дни што особено за читателите ќе претставува драгоцен документарен приказ за запознавање со христијанското семејство Поповски и за духовното подвижништво на владиката Кирил што катадневно го чини во нашите македонски цркви и манастири преточувајќи ги божјите молитви во облагородените срца на македонските верници.

Живописот за почитуваниот митрополит Кирил преточен во ова значајно пишано дело се совпаѓа со јубилејната година 1967, во која ќе биде донесена историска одлука во Охрид, во црквата ,,Света Богородица Перивлепта за целосно возобновување на автоќефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Во тие дни, месец јули 1967 година г-дин Кирил станува најмлад член на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква.

Маркантната личност на митрополит Кирил во македонското свештенство со исконска волја безрезервно се посветува на градењето на македонски храмови во Македонија и во Светот каде што се наоѓаат македонските заедници.

Владиката Кирил, 1972 лето господово, ќе биде поставен за претседател на Одборот за изградба на Соборниот архиепископски храм ,,Свети Климент Охридски,, во Скопје, што во книгата претставува уште еден значаен бележит настан од неговиот животен пат на света македонска мисија.  
Монографијата посветена на нашиот најстар архиереј по хиротонија во Светиот синод на Македонската Православна Црква, митрополит Кирил претставува со напишаните текстови и кон нив поместени фотографии дадени на повеќе од стотици страници духовен бележник за богатата, духовна бунтовна патриотска личност, која со Божја сила и мудрост раскрилува и ги просветлува македонците за нивниот црковен, културен и национален идентитет ширум Американско-Канадскиот континент и Австралискиот континент.
stavre1.jpg
Визитациите што ги прави митрополитот Кирил во Соединетите Американски Држави и Канада, како и во Австралија, со отварањето на процесите за формирање на македонски православни црковни општини и изградба на нови цркви под јурисдикцијата на Светиклиментовата Македонска православна црква, сите вакви активности на митрополитот Кирил ќе бидат преточени во хронолошки документарен запис на страниците на монографскиот труд на авторот Славе Николовски-Катин.

Ракописот на неговите страници од страна на авторот ни дава убав и од повеќе аспекти мисловен светоглед за мисионерските мисии и борбата за македонската кауза што ја носи со себе и несебично ја вградува во црковната историја на македонскиот народ, митрополитот полошко-кумановски, г-дин Кирил.

Портретот за митрополитот Кирил од нашиот познат писател Славе Николовски- Катин напишан и фактографски прикажан претставува силна поука за сегашните и идните генерации свештеници на Македонската Православна Црква, прекрасно четиво како за сите православни македонци, така и за оние мирјани кои веруваат и ја сакаат црквата и Бога. Авторат на оваа богата книга со личности, историски настани, македонски премрежија, опстои и од кон слободата на македонскиот народ и самостојноста на нашата македонска црква ни  дарува јавен духовен тестамент за животната самопрегорност, длабока преданост кон Бога на владиката Кирил, а од негова страна искрен возврат кон македонското свештенство, македонските верници со просветување на македонците во родната Македонија и на Македонското иселеништво односно кон целиот Македонски народ. 

Иако авторот има напишано многубројни книги за македонското иселеништво, за нивниот живот во новата татковина, сепак сторијата запишана во оваа книга преку духовниот и животниот пат на владиката Кирил претставува уникатно сведоштво за големите духовни потфати и независно каде се наоѓаат македонците се под закрила на божјата и визионерска мисија на митрополитот Кирил со единствена намера за црковно-духовно обединување на македонците било на кој меридијан од светот се наоѓаат.

 14.12.2007год                                                          Ставре Џиков