Скопје, 25-26 ти октомври 2017 год.- МНТ

 

 

 

На 25-26 октомври 2017 година,  во Скопје и во Струмица  се реализираа повеќе културни содржини во рамки на манифестацијата „Денови на руската култура во Република Македонија.“

Беше презентирана изложба на познатиот руски кореограф Јуриј Григорович (оваа година се одбележуваат 90 години од неговото раѓање),се одржа спектакуларен концерт на државниот академски руски народен хор „Митрофан Пјатницки“ кој е еден од најпознатите руски уметнички ансамбли, (формиран во 1911 година, ансамблот е носител на титулата национално богатство на Руската федерација),а во Македонската филхармонија концерт  имаа големите музички имиња,Олга Артјугина - виолина, Рустен Хамидулин - виолончело и Василиса Бержанскаја – мецосопран, кои настапиа со камерен состав од музичари од Македонската филхармонија и од МОБ, под диригентската палка на  Бисера Чадловска.

Свеченото отворање отпочна со обраќање на министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, во кое тој  напомна дека манифестацијата се одржува во повеќе земји од Југоисточна Европа, а во Македонија се реализира како резултат на соработката помеѓу двете земји и потпишаните документи помеѓу Македонија и Руската федерација во областа на културата меѓу кои е и Протоколот меѓу министерствата за култура за организирање Денови на руската култура во Република Македонија во 2017 година и Денови на македонската култура во Руската федерација во 2018 година.Деновите на македонската култура во Руската федерација ќе се одржат во 2018 година, кога ќе се потпише и новата Програма за соработка во областа на културата, образованието, науката и спортот меѓу Владите на двете земји.

 

 

 

Aмбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Н.Е. Олег Шчербак:

Почитувани дами и господа,

Ваши високопреосвештенства,

Ваши екселенции, драги колеги и пријатели!

Би сакал од се срце да им се заблагодарам на Министерството за култура на Република Македонија, раководство на Македонскиот народен театар и на Македонската филхармонија, општина Струмица, како и на сите ентузиасти кои се дел од овој прекрасен настан, за нивно активно учество во организацијата на Деновите на културата на Русија во Македонија.

Од своја страна ве уверувам дека ние со нетрпение чекаме настапи на македонски артисти во Русија во наредната година во рамките на Деновите на културата на Македонија. Во нашата земја каде што ја знаат и сакаат македонската култура и уметност, артистите ги очекува најтопол прием.

Односите меѓу нашите две држави и духовно блиски народи на Русија и на Македонија имаат длабоки корени и високо ниво на заемно разбирање. Голем придонес за тоа дадоа релациите во сферата на култура кои динамично се унапредуваат и силна потврда за тоа се денешните изложба и концерт. Во овие денови по македонски културни установи ќе настапуваат светски познати руски артисти и ние со задоволство го делиме ова вистинско богатство на Русија, нејзиното непроценливо наследство со пријателскиот и братски народ на Македонија.

Дозволете да прочитам поздравен говор на Министерот за култура на Руската Федерација, г-дин Владимир Медински, по повод отворањето на Деновите на културата на Русија во Македонија.

Почитувани пријатели!

Со искрено задоволство го поздравувам организаторите, учесниците и гостите на Деновите на културата на Русија во Република Македонија!

Настаните како и тие што веќе се одржаа во Охрид и Битола, така и планираните за Скопје и Струмица ќе ја запознаат публиката во Македонија со богата и разнолика руска култура, со творештво на современи артисти. Посебно место во програмата им е одвоено на настапите на Државниот народен хор "Митрофан Пјатницки", а и на заеднички концерти на руски и странски солисти, интересни културно-просветни проекти.

Јазикот на уметноста е универзално и јасно средство на комуникација меѓу луѓето. Убеден сум дека овие Денови на културата ќе придонесат за зближување на нашите два народа, зацврстување на вековните традиции на пријателството и заемното разбирање.

Срдечно им се заблагодарувам на сите организатори на овој културен настан. Им посакувам на учесниците успешни настапи, а на гостите - силни позитивни емоции!

 

 

 

„Славниот руски ансамбл "Пјатницки" за прв пат во своја 100 годишна историја гостува во Македонија, и претставува  огромен дострел во соработката!“

 

 

 

пп/к.т

Лето Господово 2017