Најголемиот „Марш за живот“ се одржува во 30 градови во Романија


Оваа година, во периодот од 21 до 25 март во 30 романски градови се одржува четвртиот по ред „Марш за живот“, за кој се претпоставува дека ќе биде најголем во однос на посетеноста и обемот. Овогодинешната тема е „Посвојувањето како благороден избор“ преку која се промовира посвојувањето како природно решение за заштита на децата чии семејства не можат да се носат со одговорноста на одгледување на дете.

Главен организатор и национален координатор е студентската организација „Студенти за живот“ (ром. „Studenti pentru Viata“).

„Ја основавме оваа асоцијација затоа што сакавме да им помогнеме на младите жени во неповолна состојба, но и на младите луѓе при основање на семејство. Со активности започнав уште кога имав само 16 години и резултатите ми покажаа дека ова е најважниот облик на општествена одговорност“, вели Александра Надан, Претседател на организацијата „Студенти за живот“.

За прв пат овој глобален настан во поддршка на животот ќе обедини толку многу луѓе и градови во Романија. Годинава, настанот се одржува и со благослов на Романската православна црква, која својата поддршка ја изрази минатиот четврток (20.03.2014г.) преку соопштение во кое, меѓу другото, се вели: „Христијанските семејства во кои децата, без разлика дали се родени или посвоени, се добредојдени и воспитувани во љубов, образувани во Христа и поддржани да чекорат по добри патишта во нивните животи, се благословени од Бога со радоста на родителска љубов и дарот на спасението и вечниот живот“.

Медиумската покриеност на настанот е голема. За прв пат годинава била организирана и прес-конференција во живо која достигнала голема гледност. Биле снимени и емитувани промотивни видеа кои станале вистински хит на социјалните мрежи. По појавувањето на Претседателот на „Студенти за живот“, Александра Надан на ТВ и радио-станиците на Романската православна црква, уште десетина други градови од внатрешноста се придружиле на настанот.

Во моментов низ Романија се одржуваат бројни настани со кои се одбележува „Неделата на живот“ како проекција на филмови против абортус, формирање на групи за поддршка на родители кои имаат посвоено деца, уметнички изложби, ликовни работилници за деца, конференции и тркалезни маси. Во Букурешт се одржал и музички концерт на кој настапиле популарни романски пејачи.

Значајно е што овогодинешната завршница на настанот ќе биде организирана од страна на Владата на Романија, која има закажано Форум за посвојување со претставници од романските институции за посвојување, членови на парламентот со искуство во легислативата која го третира овој проблем, како и претставници од граѓанскиот сектор. Организаторите побарале измена на сегашниот закон со што би се овозможило процедурата за посвојување да може да започне за време на бременоста на мајката која би го дала своето дете на посвојување.

„Потребно е да се смени и културата на посвојување. Кај нас, на посвоените деца се гледа како на второстепени деца, а семејството во кое има посвоено дете се смета за неприродно. На биолошките родители се гледа како на неподобни родители. Сето ова е неприфатливо, и го отежнува процесот на интегрирање на посвоеното дете. Доколку во прв план ги ставиме потребите на децата, сè ќе си дојде на свое место. Нашето мото е: ‘Семејство за секое дете’, а не ‘Дете за секое семејство’“, заклучуваат од „Студенти за живот“.

Извор: Ro.yahoo.com, Lifenews.com, Marsulpentruviata.ro

Преземено од: Кумановско- осоговска епархија