„Мона Лиза“ со ласер пратена на Месечината
Научниците од НАСА со ласер емитирале слика од ремек-делото на Леонардо да Винчи, „Мона Лиза“, до вселенскиот брод кој кружи во орбитата околу Месечината и со тоа ја направија првата ласерска комуникација во вселената.
Ласерскиот сигнал е емитуван со апарат од американската држава Мериленд, а 386.000 километри подалеку го примил лунарниот орбитален вселенски брод на НАСА, соопштиле научниците.
- Ова е прв пат како е остварена еднострана ласерска комуникација на планетарни дистанци - изјавил Дејвид Смит, еден од истражувачите.
Тој истакнал дека во блиска иднина овој облик на едноставна ласерска комуникација може да послужи како втора опција на радиокомуникација, која ја користат сателитите.
- Во иднина ова би можело да овозможи комуникација со пренос на поголеми количества податоци во споредба со сегашните радиоврски - изјавил Смит, а пренел порталот „Спејс“.
Орбитерот што кружи околу Месечината е одбран за ваков тест бидејќи веќе бил опремен со ласерски приемник. Научниците ја поделиле познатата слика на секции со димензии од 150 на 200 пиксели и потоа ги емитирале со ласер во пулсирачки ритам кон вселенскиот брод со брзина од околу 300 бита во секунда.
Kога орбитерот ја примил целата слика успеал да ја реконструира и ги поправил грешките што се појавиле при дисторзија на ласерскиот сноп при минувањето низ Земјината атмосфера. Бродот потоа ја пратил сликата назад на Земјата со радиобранови.