Ретката „дијатрета“ на конзервација во Мајнц

Чашата „дијатрета“ има основа на пехар и е изработена од белузлаво стакло, а околу основата има мрежест дел направен од малахитно-зелено стакло

Стаклената чаша „дијатрета“ од римско време, еден од ексклузивните антиквитети што се чуваат во Музејот на Македонија, наскоро ќе биде испратена во Германија на конзервација, дознава „Дневник“. Деновиве се одвиваат преговори меѓу најголемиот музеј во земјава и реномираниот конзерваторски институт „Ромиш-германишес централмусеум“ во Мајнц. За еден и пол месец прекрасниот предмет треба да биде изложен во Венеција. Конзервацијата на чашата „дијатрета“ ќе се реализира во рамките на италијанско-германскиот проект „Рим и варварите“.

- Ја договараме процедурата околу преземањето на „дијатретата“ и префрлувањето во конзерваторска лабораторија во Мајнц. Наша добивка од италијанско-германскиот проект е што тие ќе ги преземат сите трошоци околу реставрацијата. Во поглед на компетентноста и квалитетот, Мајнц е веќе докажан со своето реноме. Не се сомневам дека артефактот ќе биде во вистинските раце - објаснува Мери Аницин-Пејоска, директор на Музејот на Македонија.

Чашата „дијатрета“ има основа на пехар и е изработена од белузлаво стакло. Околу основата има мрежест дел направен од малахитно-зелено стакло. На врвот има чешлести орнаменти, а на „крагната“, кафено-умбра стакло, на кое е испишан натпис со букви од зелено стакло. Основата на чашата е во форма на шестлисна розета. Пронајдена е пред околу 25 години на локалитетот Таранеш, кај дебарското село Селокуќи. Ја пронашол археологот Милан Ивановски, во римски гроб-циста, полн со богати наоди, сите датирани од првата половина на 4 век.

Според Ивановски, гробот го пронашол сопственикот на земјиштето. Тој ги известил археолозите дека во неговата нива има „тепсија и филџани за кафе од порцелан и златен крст“. Кога археолозите пошле на терен, виделе дека селанецот ја зборувал вистината. Златната крстовидна фибула му се видела како крст. Кога го ископал гробот, „дијатретата“ била цела, неоштетена. „Но, кога го фатил черепот се исплашил и го фрлил назад, во гробот, па ја искршил и стаклената чаша“, објаснува Ивановски.

Некои археолози велат дека во светот се пронајдени само осум „дијатрети“. Други, пак, велат дека се вкупно 21. Секако се вбројуваат меѓу антиквитетите што секој музеј би посакал да ги има во својата колекција.

Реставрираната „дијатрета“ заедно со другите експонати што се дел од проектот „Рим и варварите“ на 26 јануари ќе биде изложена во палатата „Граси“ во Венеција. Таму ќе биде изложена до 20 јули. Од 22 август до 7 октомври изложбата ќе биде поставена во Бон.

- Презентацијата е во надлежност на организаторот. Верувам дека ќе биде на високо ниво. Од аспект на ексклузивноста, доволен е фактот што во поставката се опфатени артефакти од целиот регион. Организаторите однапред точно знаеле што сакаат. Од соодветните национални музеи ги побарале најрепрезентативните примероци од нивните збирки. Меѓу нив се најде и „дијатретата“ од Музејот на Македонија - вели Аницин-Пејоска.

Археолозите објаснуваат дека постојат две групи чаши „дијатрета“ - со фигурален украс и со мрежест дел. „Дијатретата“ од Таранеш е од „келнски тип“, најбогато декорирана.

Музејот на Македонија со години беше во потрага по стручњаци-конзерватори што би ја санирале стаклената чаша, која е скршена на неколку делови. Сиот процес беше оценет како огромна инвестиција.

Ексклузивниот експонат пред пет-шест години го видоа петмина експерти од Холандскиот институт за културно наследство од Амстердам кои учествуваа на работилницата за конзервација на музејски предмети, што се одржа во Музејот на Македонија. Тие беа воодушевени од предметот. Тогаш изјавија дека чашата „дијатрета“ ќе ја врати Македонија на светскиот врв по богатството со музејски експонати.

Весна Ивановска