Во Охрид откриено непроценливо археолошко богатство од петиот век пред нашата ера

 

Охрид, 19 јули (МИА) – Она што вчера беше пронајдено на археолошкиот локалитет кај Горна порта во Охрид е од непроценлива вредност, како за Македонија, така и за археолошката наука воопшто, истакна денеска пред медиумите директорот на Управата за заштита на културното наследство, археологот Паско Кузман, во врска со вчерашното откритие.

Кузман појасни дека на тој локалитет помеѓу Горна порта и црквата „Света Богородица Перивлепта“ во кратко време се откриени 17 гробови, од кои најголем дел се од македонско-хелинистичкиот период, односно некаде од 5-ти век пред нашата ера. Во гробниците се пронајдени најразлични прилози, воглавно златен накит – обетки, приврзоци за ѓердан и слично.

- Во најдолниот хоризонт е откриен и овој гроб, во кој се пронајдени материјали, прилози од времето на златните маски. Тука има нешто позначајно од златната маска, во научна смисол, рече Кузман.

Според него, во гробницата била погребана млада женска особа, со благородничко потекло. На очите на покојничката била поставени златна фолија, на устата ромбоидна златичка, некаде кај срцето златен пикторал. Таквата поставеност на предметите, според Кузман, претставуваат маскирање на лицето на покојникот на начин на каков што досега не е сретнат на друго место на Балканот.

- Ако тука го додадеме златниот колан, златна лента долга околу 40 сантиметри, се добива една гарнитура со симболично значење. Сите предмети се украсни, амфороидни приврзоци за ѓердан од злато изработени филигрански, бронзени и сребрени нараквици, сребрени фибули и златни обетки со конусоидна форма, доста ретки, појасни Кузман.

Тој додаде дека во гробницата има и многу други предмети од килибар, што е невобичаено за овие простори, што значи дека во петтиот век пред нашата ера постоеле силни трговски врски со северот каде воглавно има килибар.

Археологот Кузман појасни дека ваквите вредни археолошки наоди само ја потврдуваат позицијата на Охрид како монденско место во античко време.

Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска во оваа прилика истакна дека заложбите на Владата и на Министерството за култура во делот на заштитата на културното наследство и истражувањата на голем број археолошки локалитети, токму ги потврдуваат овие резултати кои денеска ги имаме.

- Ова се значајни артефакти кои го потврдуваат нашиот идентитет, историја и култура, рече таа заблагодарувајќи им се на сите од тимот кои работеа во конзервацијата и истражувањата.

Министерката нагласи дека како и досега и во иднина институциите на државата ќе продолжат со активностите во насока на заштита на културното наследство, како и во делот на истражување на голем број локалитети кои се наоѓаат во програмата на Министерството за култура. аб/дма/14:33