ВОДОЧА - НАЈБОГАТ ЛОКАЛИТЕТ НА СРЕДНОВЕКОВНА КЕРАМИКА НА БАЛКАНОТ

 


Струмица, (МИА) - Археолошкиот локалитет во дворот и околината на средновековниот манастирски комплекс "Свети Леонтиј" во Водоча, според наодите на археолозите од Заводот за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј во Струмица, како и според бројот и разновидноста на ископаните предмети од керамика, претставува најбогато вакво наоѓалиште не само кај нас, туку и на Балканот.
На овој локалитет во текот на последните неколку години се истражени стотина нови некрополи од 14 до 16 век, остатоци од водовод и манастирска бања, темели на ранохристијански цркви од 5 и 6 век, при што е пронајден и евидентиран богат керамички материјал, кој го надополнува мозаикот за културно-историскиот и духовниот живот на овој регион низ вековите.
Инаку, покрај целосното заокружување на истражувањата сврзани со и околу Водочкиот манастир, со програмата на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј во Струмица, која е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија, се опфатени и археолошки ископувања на локалитетот Орта Џамија, под која се пронајдени темели на ранохристијанска базилика, потоа на познатиот комплекс Цареви кули, средновековна тврдина во непосредна близина на градот, на локалитетот околу црквата "Свети четириесет севастиски маченици" и Римската терма во Бања-Банско кај Струмица. ив/паг/09:42