Среда, 07 Ноември 2012 11:

Промовиран проектот „Шерплан“

02_Serplan_7-11-2012-320

Проектот е поддржан од УНЕСКО, финансиран со ИПА средства од Европската Унија а се имплементира во рамките на Транснационалната програма за соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорката на Директоратот на автономниот регион „Фриули Венеција Џулиа" од Италија, Серена Кутрано, денеска во просториите на „Порта Македонија" се обратија на прес-конференцијата по повод активностите на Министерството за култура во рамките на проектот „Зајакнување на културното наследство преку планирање на животната средина и менаџмент-ШЕРПЛАН".

Како што истакна министерката Канческа-Милевска, станува збор за проект кој е поддржан од УНЕСКО, финансиран со ИПА средства од Европската Унија кој што се имплементира во рамките на Транснационалната програма за соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа.

Канческа-Милевска информираше дека Министерството за култура од ИПА фондовите на Европската Унија обезбеди  финансиска поддршка од околу два милиона и осумстотини илјади евра за реализација на 4 проекти. Станува збор за проектите: ревитализација на  културно – туристичкиот комплекс на црквата Св. Ѓорѓи во село Старо Нагоричане што подразбира конзервација и реставрација на црквата, реновирање на старата училишна зграда и пошироко партерно уредување на црковниот двор, реконструкција и адаптација на Ѓулшен амамот, проектот КУЛТЕМА кој ја воведува новата европска методологија во интегрираниот пристап кон заштитата на културното наследство и го поттикнува локалниот развој базиран на користењето на потенцијалите на културното наследство во регионот Дебар – Река  и проектот „Шерплан“  кој во Македонија се  спроведува во споменична целина Стара чаршија во Битола, која во времето на Отоманската Империја била главен трговски центар, а денес претставува исклучителна туристичка атракција.

06_Serplan_7-11-2012-400

-Во реализацијата на сите четири проекти што ви ги споменав активно се вклучени Управата за заштита на културното наследство, надлежните институции и конзерваторските центри во државата. Согласно динамиката и предвидениот план  сите проекти ќе бидат завршени и промовирани до крајот на 2014 година, истакна Канческа-Милевска. Таа информираше дека во Битола кон крајот на следната година ќе биде  организирана голема транснационална конференција на која ќе присуствуваат министрите за култура на земјите - учеснички во проектот „Шерплан“, кои ќе потпишат Меморандум за разбирање и ќе ги потврдат резултатите од овој проект кој е стратешка алатка во одржливиот развој на културното наследство.

04_Serplan_7-11-2012-640

Во реализацијата на проектот „Шерплан“   учествуваат Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, општината Битола, а, исто така, се остварува и комуникација со локалното население.

Проектот ШЕРПЛАН, во основа подразбира изработка на посебна методологија за планирање на заштитата на културното наследство. За таа цел, во сите земји партнери на проектот (Македонија, Италија, Австрија, Словенија, Црна Гора, Албанија и од Грција, и водечкиот партнер од Италија, автономниот регион „Фриули Венеција Џулиа“), се избрани споменични целини кои претставуваат дел од богатото културно наследство на регионот и во нив, во овој период, се реализираат различни проектни активности.

Во Република Македонија, активностите се фокусирани на значајната споменична целина Стара чаршија во Битола,  која е сведок на богатиот трговски и културен живот кој се одвивал во градот на конзулите. Целта на проектот е да му се врати сјајот на ова градско јадро на Битола и токму затоа, во наредниот период ќе биде изработена посебна Стратегија за ревитализација на Старата чаршија во Битола, со акционен и бизнис-план како и  Менаџмент-план за зачувување на животната средина. Проектот предвидува и  обнова и реконструкција на фасада на еден објект од богатото културно наследство на Битола, кој ќе биде избран на конкурс, како и поставување на многу клупи, корпи за селективен отпад, еколошки светилки  итн. Подготвителните активности се веќе реализирани, а во моментот се изработува ГИС-мапа за Старата чаршија  со мапирање на 50 објекти со значајни културни вредности.
010_Serplan_7-11-2012-640

Извор: Министерство за култура на Р. Македонија