Дали е одржлив модерниот капитализам?

Кенет Рогоф

Во широкиот опсег на историјата, сите сегашни форми на капитализам се крајно транзициски

Често ме прашуваат дали сегашнава глобална финансиска криза го означува почетокот на крајот на модерниот капитализам. Тоа е интересно прашање, бидејќи се претпоставува дека постои остварлива замена на страна. Вистината е дека, барем засега, единствените сериозни алтернативи на денешната доминантна англо-американска парадигма се други форми на капитализам.

Капитализмот на континентална Европа, што комбинира великодушни здравствени и социјални бенефиции со разумни работни часови, долги периоди на одмор, рано пензионирање, и релативно еднакви распределби на приходи, се чини дека има се за да се препорача – освен одржливост. Дарвиновиот капитализам на Кина, со жестоката конкуренција меѓу извозните фирми, слаба мрежа за социјална заштита и општи интервенции од владата, се рекламира како неминовен наследник на западниот капитализам, барем поради огромната големина на Кина и доследната преголема стапка на развој. Сепак економскиот систем на Кина континуирано се развива.

Всушност, не е јасно колку далеку политичките, економските и финансиските структури на Кина ќе продолжат да се трансформираат, и дали Кина конечно ќе се трансформира во нов пример на капитализмот. Во секој случај, Кина се' уште е оптоварена од вообичаени социјални, економски и финансиски слабости на брзо растечка земја со пониски приходи.

Можеби реалната поента е дека, во широкиот опсег на историјата, сите сегашни форми на капитализам се крајно транзициски. Капитализмот на модерното време имаше невообичаен тек на движење уште од почетокот на Индустриската револуција пред два века, извлекувајќи милијарди обични луѓе од бедна сиромаштија. За споредба, марксизмот и нечувствителниот социјализам имаа катастрофални резултати. Но, како што индустријализацијата и технолошкиот напредок се ширеа во Азија (а сега и во Африка), еден ден борбата за живот веќе нема да биде примарен императив, а бројните недостатоци на современиот капитализам можеби ќе изгледаат поголеми.

Прво, дури и водечките капиталистички економии не успеаа ефиктивно да ја одредат цената на јавните добра како што се чист воздух и вода. Неуспешните обиди да се постигне нов договор за климатските промени е симптоматичен за парализата.

Второ, покрај големото богатство, капитализмот создаде невообичаени нивоа на нееднаквост. Се' поголемиот јаз делумно е едноставен спореден производ на иновации и претприемаштво. Луѓето не се жалат за успехот на Стив Џобс; неговите придонеси се очигледни. Но, не е секогаш така: големото богатство им овозможува на групи и поединци да купуваат политичка моќ и влијание, што пак помага да се создаде уште повеќе богатство. Само неколку земји – на пример, Шведска – можеа да го прекинат тој магичен круг без да предизвикаат пропаѓање на развојот.

Третиот проблем е снабдувањето и распределбата на медицинската заштита, пазар што не задоволува неколку основни услови потребни за механизмот на цените да даде економска ефикасност, почнувајќи со потешкотијата што ја имаат потрошувачите во проценување на квалитетот на нивниот третман. Проблемот само ќе се влошува: трошоците за здравствена заштита како пропорција од приходот сигурно ќе се зголемат како што општествата стануваат побогати и постари, можеби надминувајќи 30 отсто од БДП за неколку децении.

Во здравствената заштита, можеби повеќе од кој било друг пазар, многу земји се борат со моралната дилема како да се одржат иницијативи да се произведува и троши ефикасно без да се создаваат неприфатливо големи диспаритети во пристапот на заштита. Иронично е што модерните капиталистички општества учествуваат во јавни кампањи за да побараат од поединци да бидат повнимателни кон нивното здравје, а негуваат економски екосистем што намамува многу потрошувачи на крајно нездрава исхрана. Според Американскиот центар за контрола на болести, 34 отсто од Американците се дебели. Секако, вообичаено мерениот економски развој – што подразбира поголема потрошувачка – не може да заврши сам по себе.

Четврто, денешните капиталистички системи многу ја потценуваат благосостојбата на неродените генерации. Во најголем дел од ерата почнувајќи од Индустриската револуција, тоа не беше важно, бидејќи континуираниот благодет на технолошкиот напредок беше адут за кратковидата политика. Се' на се', секоја генерација смета дека е значително подобра отколку последната. Но, во услови кога населението во светот достигнува над седум милијарди, а предвесниците за ограничувања на ресурсите стануваат поочигледни, нема гаранција дека таа траекторија може да се одржи.

Финансиските кризи се петтиот проблем, можеби оној што поттикнува преиспитување во последно време. Во светот на финансиите, континуираните технолошки иновации не ги намалија ризиците впечатливо, и можеби дури ги зголемија.

Во принцип, ниту еден од проблемите на капитализмот не е несовладлив, а економистите понудија разновидни решенија што се базираат на пазарот. Даночните системи можат да бидат проектирани да обезбедуваат поголема граница за прераспределба на приходи, без задолжително да се инволвираат парализирачки изобличувања, со минимизирање на нетранспарентни даночни трошоци и одржување на ниски маргинални стапки. Ефективното одредување на цената на здравствена заштита, вклучувајќи одредување на цената на времето на чекање, би можело да поттикне подобра рамнотежа меѓу еднаквоста и ефикасноста. Финансиските системи би можеле да бидат подобро регулирани, со построго внимание кон прекумерните акумулирања на долгот.

Дали капитализмот ќе биде жртва на сопствениот успех во создавањето на масовно богатство? Засега, колку и да изгледа модерна темата за пропаѓање на капитализмот, можностите изгледаат далечни. Сепак, иднината на капитализмот за неколку децении може да не изгледа толку сигурна како што се чини сега.

(Авторот е професор по економија на Универзитетот Харвард и поранешен главен економист во ММФ. Пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)

 

 http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=1000EEEEC1562A46B135DCC61BB51407