Од најраното  време на христијанството Светата Евхаристија е појмувана како вистинско Христово  присуство на земјата се до Неговото второ славно доаѓање. Исклучително е важно да се има на ум дека свештенодејствувањето на Божествената Литургија не е прост комеморативен  настан во кој се опоменуваме за нешто што било во минатото и што во краен случај имало малку или нималку врска со нас овде и сега и на поколенијата после нас. Можеби еден ваков погрешен пристап доведува  до самата индивидуализација на верните кои пристапуваат кон осветувањето и апслоутно не постои интересирање за осветувањето на оној покрај нас. Забораваме дека ближниот ни е духовно огледало во кој треба да го видиме и да го измериме својот духовен напредок или назадување. Доволно е само да го издвоиме Евангелскиот дел кој го читаме во недела за Страшниот Суд, со кој се подготвуваме за влез во Големиот пост, во просторот на духовната борба со самите себе, за да важноста од интеракцијата со други ни стане во потполност јасна (Мт.25,31-46) .

Мораме да нагласиме дека Литургијата, секако е, настан на иднината. Она во што веруваме и на  што се надеваме - „Го чекам воскресението на мртвите и животот во идниот Век ”. Сепак ние ниту сега не сме без тоа што Бог ни го ветил, зошто, рекол: „Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на светот” (Мт. 28, 20). Како  тоа Тој е со нас ? Како Црква. Како икона на Царството Божјо. Црквата е присутност на Христос, присутност на Царството Божје, полнота на благодат. Иднина, парадоксално, сега и овде, во историјата. Таа икона е токму Светата Литургија . Молитвата за анамнеза на Литургијата, за Св.Јован Златоуст изразува присутност, како на минатото така и на она што ќе се случи дури на крајот на историјата: „Сеќавајќи се на се што заради нас се случило, крстот, гробот, тридневното Воскресение и на Второто и Славно доаѓање”. Ние сега се сеќаваме на тоа  што ќе дојде но настанот  е реално присутен во Литургијата  и Тајната на Царството Небесно делува што ни ја потврдуваат  и  Христовите зборови : „Царството небесно е внатре во вас”  (Лк. 17,  21) . Тајната на спасението значи го подразбира севкупно создавање која е рекапитулирана во човекот. Со самото тоа, нашето присуство на Светата Литургија е присуство во Царството Божјо, но и присутност на севкупното создавање во тоа Царство како што вели Свети Максим Исповедник. Ова треба секогаш да се има на ум. Да се сетиме како почнува Светата Литургија? Со Благословување на Она кое е икона на Светата Литургија : „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух сега и секогаш и во вечни векови”.

Евхаристијата  е едниствен начин на кој Црквата феноменално се открива во целата своја полнота и не би било претерано нејзиното поистоветување со самата Црква. Црквата Божја служи Евхаристија станувајќи  истовремено со неа и сама конституирана и тие се секогаш заемно зависни со канонски предуслови -  вистинската вера и евхаристиското општење со сите други помесни цркви. Храмот, Црквата или местото на соборот е просторот  во кој се остварува присуството на Царството Небесно : „ Каде се двајца  или тројца собрани во мое име, таму сум и јас меѓу нив” (Мт. 18:10). Црквата во Литургијата, како што вели Преподобен Јустин Ќелијски, вечноста ја внесува во времето , а времето во вечноста , таа станува место на Богојавување , каде човекот на најинтимен начин општи со Бога , каде Бог не само што му се открива , како на Мојсеј на Синај  (Изл.33,20-23) туку Тој му се дава  како Храна за Живот вечен.

Со оглед дека свештенодејствувањето на Светата Евхаристија  неодвоиво е поврзано со одредени предуслови од кои, два веќе напоменавме,  најважниот е присуството на Лаосот - народот Божји , поради кој и во име на кој, Христос се принесува и раздава. Верниот народ не е собор на пасивни набљудувачи кој присуствува на Светата Литургија која ја служат свештениците. Тој е една од конститутивните служби на Црквата, покрај епископите, презвитерите и ѓаконите. Тие  четири  служби се икона на идното Царство.  Сите овие служби во Црквата го иконизираат идниот собор,  Царството Божјо .Тие мораат да бидат заедно, за да секоја од нив посебно  постои  и упатени се една на друга.

Учестувајќи, односно станувајќи конститутивен елемен, како   предуслов за остварување на, Иконата на Царството Божјо, гледаме дека никој не е изземен од благодатниот дар. Сите се повикани, сите можат да учестуваат и сите учестуваат, можеби дури и несвесно. Низ својот секојдневен труд секој посебно учестува во Приносот,  во лебот и виното како содржание на  се создадено,  но преобразени како тело и крв Христова ги примаат само оние кои преку вера и крштение и отфрлање на својот поранешен живот станале деца Божји.

Овде доаѓаме до она што го нарекуваме подготовка за Причест.     

Почетокот на  Евангелската објава  почнува со зборовите : „Покајте се зошто се приближува Царството Небесно” (Мт. 3, 2) . Покајанието е предуслов кој човекот го прави приемчив за учествување во домостројот на спасението . Тоа го пројавува нашето признание дека сме немоќни да било што направиме без Бога, дека сме отоврени благодатта да делува  во нас, според зборовите  Спасителови: „Без мене неможете да правите ништо ” (Јн. 15.5) . Токму поради тоа Синот  Божји, второто лице на Света Троица,  Оној кој на Предвечниот  Совет ја зел на себе иницијативата за создавање на светијата и грижата за него, доаѓа на светот да го ослободи од власта на гревот, ѓаволот и смртта и да го оспособи  повотрно да биде принос на Бога Отецот, да биде според зборовите на Светите Отци, на космичката Литургија на која Тој началствува во име на сите . Пораснувањето од сила во сила како што сведочи Ап. Павле и прераснување во висина на растот на мерата Христова (Еф. 4, 13) почнува овде и се протега низ сите векови и целата вечност. Идеалот  проповеда  и настојувањето на Црквата е да сите и секогаш имајќи го, како први Христијани, според зборовите од Делата апостолски,  Христа пред себе, бидат подготвени за Причест, што на еден начин подразбира и спремност за мачеништво, незаборавајќи дека за Воскресение во нов  Живот неопходно е да умреме најпрво за гревот, за поранешот човек, а ако е потребно  да како сведоци за верата низ вековите, поднесеме и мачеништво и страдање,  секогаш да бидеме  спремни да застанеме  на Судот Божји. Во овоие покајнички рамки спаѓа и се она што во крилото на Црквата се изнедрило: пост, личната молитва, подвизите, чинењето добри дела, кои ја покажуваат нашата спремност и способност да во другиот  го согледаме образот Христов  и кој е вовед во Литургијата.

Од овој краток осврт можеме да видиме дека на Светата Литургија нема место за никаков индивидуализам, никакво одвојување од Соборот. За  жал, тоа одвојување го гледаме често на нашите Богослужења. Трагично, тогаш наместо да го икоизираме животот ние ја иконизираме смртта. Може да речеме дека ја сквернавиме  Светата Литургија, а со тоа го сквернавиме и Царството Божјо. Тогаш кога, немајќи свест дека сме служба во Црквата и дека треба со останатите да ја служиме Светата Литургија, обавувајќи некои свои приватни работи во текот на Богослужењето, ние тогаш се одвојуваме од заедницта, се одвојуваме од Царството Небесно и тогаш како што вели Св. Андреј Критски во Големиот канон, се наоѓаме надвор од Арката на Спасението - Црквата која патува кон незалезниот Осми ден.

 

 

Дејан Блажески